Утрински Весник
Македонија

Судењето за организаторите на 27 април продолжува на 15 мај, ќе сведочат Стефан Младеновски и Весел Мемеди

Мнозинството уставни судии против иницијативата за Законот за амнестија

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Судењето за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието продолжува на 15 мај годинава, кога треба да бидат сослушани сведоците Стефан Младеновски и Весел Мемеди.

На денешното рочиште сведочеше Антонио Кочков, кој рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржувал протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

– Имавме вибер група преку која комуницираме и каде се кажуваше кога и каде треба да се собереме, изјави сведокот.

На 27 април 2017 година, не бил на протестите, но дошол подоцна кога бил упадот.

-Влегов во Собранието во салата. Бидејќи беше многу топло и веќе ме видоа дека сум присутен, сакав да си одам. Кога си одев, се качив по едни скали нагоре, зошто не знаев како да излезам. После се спуштив надоле свртев лево и всушност влегов во салата каде ги тепаа пратениците, изјави сведокот.

На прашање од обвинителката Вилма Русковска, да појасни кој требало да го види, сведокот рече дека имало луѓе од партијата кои му помогнале и сакал да им се заблагодари и да ги поддржи.

– Јас знам дека ВМРО-ДПМНЕ јавно ги поддржуваше протестите. Тоа беше и на телевизија. Јас не знам да кажам дали ги организирале или ги поддржувале само, изјави сведокот.

Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се наведува во обвинението од ОЈО.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон. аа/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме