Дебар, 12 мај 2020 (МИА) – Во рамки на договорените мерки од страна на Кризниот штаб на општина Маврово и Ростуше, по појавата на заразени од Ковид-19 и во оваа општина, во тек е дезинфекција на објекти од јавен интерес.
-Во соработка со Националниот парк „Маврово“ и компанијата Техно-блок од Скудриње извршиена е дезинфекција на сите верски објекти-џамии и полициските станици кои се наоѓаат на територијата на нашата општина. Во наредните денови ќе се изврши дезинфекција и на другите објекти кои се од јавен интерес за сите наши граѓани, изјави градоначалникот Медат Куртовски, кој раководи и со Кризниот штаб.
Ова инаку, е втора ваква активност во оваа општина. Претходно на крајот на март и почетокот на април беше извршена дезинфекција на сите населените места, училишта, верски и други објекти.
Во оваа општина, која е соседна општина на Дебар, што беше прво жариште на коронавирусот во државава, прв случај на заразен со Ковид-19 беше регистриран на девети овој месец, а ден потоа уште еден случај.
Како што информираат од Штабот првиот заболен е хоспитализиран во Инфективната клиника во Скопје, додека вториот е со лесна форма на болеста и се лекува во домашни услови. Во изолација и самоизолација се 16 лица.
-Упатуваме апел до сите наши сограѓани, строго да се придржуваат кон препораките дадени од страна на Министерството за здравство, сите ние да носиме заштитни маски и ракавици, да не се собираме во групи, да држиме растојание од два метра, да избегнуваме одење на гости и патување по други градови. Колку сме по дисциплинирани толку побрзо ќе ја надминиме оваа кризна состојба, стои во апелот упатен од Штабот дожителите на општина Маврово и Ростуше. вт/оџ/