Велес 12 мај 2020 (МИА) – Медицинските сестри од велешките јавни и приватни здравствени установи денешниот Ден на сестринството и Светскиот ден на акушерките 5 мај, го одбележаа работно под целосно заштитна опрема и во борба за помош на населението против Ковид-19. Поради состојбата со Ковид-19 изостана традиционалното свечено доделување на признанија и заедничкото славење.
Ружица Нацева претседател на Општинското здружение на медицински сестри, техничари и акушери на Велес потенцира дека работата на медицинските сестри е во првите редови и целосна посветеност и нивно жртвување во овие тешки денови и месеци за заштита на населението во борбата со Ковид-19.
Таа потсети дека 2020 година Светската здравствена организација ја прогласи за година на сестринството, а Неделата на сестринството трае од 5 до 12 мај.
Воедно денеска се одбележува и 200 години од раѓањето на Флоренс Најтингел која се смета за основоположник на сестринството.
-Секојдневно ние медицинските сестри, техничари и акушерки несебично се вложуваме со голем труд, па и запоставувајќи ги најблиските и семејството, грижејќи се напорно за заштита на здравјето на пациентите, а во овие тешки вонредни услови во борба со Ковид-19 , потенцира Нацева, која работи како сестра инструментарка во Хирушкото одделение при велешката Општа болница.
Таа информира дека сите сестри од велешката болница ротираат и се на припомош кај своите колешки од Инфективното одделение при Општата болница во Велес, каде во овие денови е најтешко и има најмногу работа со пациентите кои се на лекување.
Нацева им искажа голема благодарност на сите свои колешки кои работат под карантин под целосна заштитна опрема посебно на оние од Инфективното одделение кои се грижат за болнита пациенти од Ковид-19. Им се заблагодари и на колегите рендген техничарите, лаборантите, колешките и колегите од физикална медицина и рехабилитација, бидејќи тие сите активно учествуваат во борбата против коронавирусот.
Нацева им искажа благодарност на своите колешки од ЈЗУ Општа Болница Велес, од ЈЗУ Здравствен дом,од Центарот за јавно здравје и Специјалната болница Јасеново и на сите свои колешки од примарното,секундарното и терцијалното здравство вклучени во борбата со Ковид-19.ад/