Скопје, 12 мај 2020 (МИА) – Регистрирани се пет оздравени пациенти и тоа во Скопје и во Неготино. Потврдени се 10 нови случаи со Ковид-19 и тоа во Скопје-6, Куманово-2, Прилеп-1 и Велес-1. На Клиниката за инфективни болести почина 60-годишен пациент од Делчево, кој имаше и малигни болести. Вкупно дијагностицитани од почетокот на епидемијата, досега, во државава се 1.674, оздравени се 1.205, починати 92, а активни се 377 случаи, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Посочи дека расте бројот на оздравени здравствени работници и од вкупно дијагностицираните 242, 217 се оздравени, што е близу 90 проценти и со тоа практично се враќа во нормала функционирањето на сите здравствени установи од каде беа здравствените работници. Потенцира дека расте и бројот на општини кои немаат активни случаи.
– На Инфективната клиника се примени тројца нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 41 пациент. Во Градската општа болница „8 Септември“ се примени 13 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 25 пациенти. На инфективните одделенија во Битола, Штип, Прилеп, Велес, Куманово, Тетово и Охрид се хоспитализирани 64 пациенти, рече Филипче.
Нагласи дека во изминатите 24 часа се направени 189 тестирања и во врска со бројот на извршени тестирања тој ги отфрли шпекулациите дека има причина или дека тенденциозно се намалува нивниот број.
– Тоа не е така. Факт е дека е значително намалена бројката на направени тестови заради тоа што нема доволен број на пациенти кои имаат симпотоми и имаат вистинска индикација за тестирање, а тоа е тоа што сакавме да го постигнеме, додаде Филипче. рп/лв/