Утрински Весник
Спорт

Англиските клубови не се договорија каде да играат

Премиер лига ќе нема ниту во мај

Лондон, 11 мај 2020 (МИА) – Повеќе од половина од клубовите во Премиер лигата побараа да ги одиграат на своите стадиони преостанатите натпревари од сезоната. На денешната видео конференција, која траеше скоро 4 часа, не беше постигнат консензус за ова прашање. Најупорни на оваа тема беа Астон Вила, Ватфорд и Брајтон, кои не сакаат да ја загубат домашната предност.

Сега идејата е шефовите во Премиер лигата да побараат од владата да ја преиспита одлуката и да не ги обврзува тимовите да ја завршат сезоната на неутрални терени. Британските власти генерално дозволија враќање на фудбалот во јуни.

На денешната средба требаше да бидат објавени конкретни датуми за продолжување и завршување на првенството, но и пред тоа стана јасно дека оваа одлука е одложена затоа што сè уште има доста нејасни елементи. Ова треба да се случи на 18 мај.

Сепак, планот останува да се започне одново на 12 јуни. Во моментов вклучува тестирање на играчи и тренери двапати неделно и натпревари без публика што треба да се играат на неутрални стадиони како што е Вембли.

За разлика од разминувањето околу стадионите, клубовите беа едногласни дека договорите на играчите, кои истекуваат на 30 јуни, треба автоматски да бидат продолжени до крајот на сезоната.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Јапонија и Австралија најуспешни по вториот ден на Олимписките игри

Двајца тенисери се повлекоа од Олимпијадата во Париз

Австралија најуспешна нација во првиот ден на ЛОИ 2024