Утрински Весник
Македонија

За последниот спор меѓу Софија и Скопје…

ЕУ: Ќе помогнеме да се реши спорот меѓу Скопје и Софија

Квадрат пет – Софија

11 мај 2020

Северна Македонија се наоѓа пред решавачките парламентарни избори, кои беа одложени поради Ковид-19. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не без помош на некои кругови во Бугарија, реши да започне битка со владејачкиот СДСМ експлоатирајќи го негативниот однос кон нашата држава воспоставен од југословенската пропаганда.

Прозападниот СДСМ за време на своето управување успеа да ги подобри чувствителните односи со соседите и да потпише два стратешки договора – со Бугарија и Грција. Тоа ја деблокира земјата од меѓународната изолација во која се наоѓаше од 2006 до 2016 година кога премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ беше Никола Груевски.

Денес, две и пол години подоцна Северна Македонија е членка на НАТО, разрешувајќи го отвореното прашање за името со Грција и потпишувајќи го Преспанскиот договор во 2018 година. Една година претходно во предвечерието на Илинден – важен ден за Бугарија и за Северна Македонија поврзан со започнувањето на Илинденското востание, беше потпишан Договорот за пријателество меѓу премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев.

Договорот поттикна многу сериозни очекувања дека ќе ги рестартира нашите односи. И наместо да работиме на исполнување на основните елементи од договорот и да градиме пријателство, да создаваме заеднички економски проекти, да продолжиме да се отвораме едни кон други, да работиме на изградба на Коридорот 8 и да и дадеме друг лик на економската карта на регионот со поврзување на Јадранското и Црното Море и да ги засилиме предностите на таа маршута поврзувајќи ги економиите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија и да ја преселеме врската север-југ воспоставена пред 100 години што ги поврзува Србија и Грција, ние влеговме во замката на времето  и бескрајните спорови меѓу нас.

Некои се обидуваат да не вратат назад на спорните прашања, кои се неспорно важни за нормализирањето на односите меѓу нашите две држави и кои се поврзани со јазикот и надминување на омразата во учебниците по историја, што се останати уште од времето на поранешна Југославија и решавањето на прашањата чии се Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј и најистакнатиот меѓу нивните ученици Свети Климент Охридски, улогата на Егзархијата во општествените процеси во Македонија и така до 20 век каде најголемиот спор е поврзан со лицата на ВМОРО, Гоце Делчев, Даме Груев и Тодор Александров. И тие некои се познати – Србија и Русија, зошто нивните интереси не само во минатото, туку и денес се заеднички.

Белград и Москва имаа свои причини да не им се допаѓа зближувањето меѓу Софија и Скопје, бидејќи им се одземаат лостовите за влијание на Балканот, како што се национализмот и недовербата. Србија тешко го прифаќа фактот дека Северна Македонија е во НАТО и дека при добар развој на настаните може да ја достигне во евроинтеграциските процеси, па дури и да ја надмине, додека Белград се обидува да го решава косовското прашање. Тој период се совпадна со гласините што доаѓаа од Белград и Приштина за поделба на Косово, што веројатно би се случило со молчелива поддршка од САД, Русија и Франција.

Тој процес може одново да ја отвори Пандорината кутија на Балканот и да предизвика нов бран на тензии и на други места на постјугословенскиот простор, како во Босна и Херцеговина каде етничкиот баланс е многу ранлив.

Во однос на Русија не треба да се има илузии дека таа се откажала од Северна Македонија и од желбата да ја истера од НАТО и да  ја врати во својата орбита. А како би се случило тоа? Ако ја врати на власт проруската ВМРО-ДПМНЕ, но дали ќе и успее тоа е друго прашање, кое сепак не смее да се занемари.

Има меѓународни аналитичари кои тврдат дека токму поради тоа Северна Македонија може да се покаже како доста слаба нишка на јужното крило на НАТО и да прерасне во ризик за регионалната безбедност.

По 103 години Бугарија има историска шанса да биде заедно со Северна Македонија во еден ист военополитички сојуз, каков што е НАТО и да и помогне во блиска иднина да влезе во ЕУ. Да, но тоа е на пат да не се случи токму поради сигналите кои Софија ги испраќа кон Скопје. Денес кога е на пат да започне преговори со ЕУ, Северна Македонија доби сериозно предупредување од Софија дека може да и биде ставено вето поради неработењето на заедничката Комисија за историски прашања, која треба да ги реши сложените прашања од минатото. Камен на сопнување се покажа Гоце Делчев. Јасно е дека во Северна Македонија, засега, пред се поради политички причини, никој нема намера да го признае фактот дека Гоце Делчев е Бугарин, но дали сега е моментот да бараме да се случи тоа и да ја жртвуваме шансата да бидеме поблиску до Македонија од кога и да е до сега.

Пред една недела советникот на претседателот на Северна Македонија и прв министер за надворешни работи на земјата, професор Денко Малески рече нешто што во Скопје никој до сега јавно не го изговорил: „дека до 1945 година ние сме биле еден народ“. Поради тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара да му биде одземена професорската титула, што предизвика голема негативна кампања на сметка на Малески. Групи на Фејсбук и во јавноста побараа претседателот Стево Пендаровски да го отпушти од неговата Администрација.

Дали властите кај нас играат на перспективата ВМРО-ДПМНЕ одново да се врати на власт  во нашиот југозападен сосед? Зошто влијателни бугарски европратеници започнаа да ја заплашуваат Македонија со вето, а не на пример Србија, која шест години на бугарското правосудство не му го предава Цветан Василев и во врска со односот на властите во Белград кон бугарското малцинство во земјата? Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева дури мораше јавно да каже дека бугарската политика кон нашиот југозападен сосед не ја води европратеникот Андреј Ковачев. На пат сме да го загубиме капиталот, што го стекнавме во времето на бугарското претседавање со ЕУ, кога во центарот на нашите напори ја поставивме интеграцијата на  Западниот Балкан и Македонија во него. Дел од решавачките преговори за името меѓу премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас се одржаа за време на Самитот  на 7 мај 2018 година. Софија беше добар домаќин на таа клучна средба, но не и учесник во процесот, што е тема за друга анализа… Постои ризик Бугарија да влезе во општеството на Северна Македонија како нова Грција, која повеќе од 27 години го блокираше нејзиниот пат кон евроатланските структури. Да се надеваме дека тоа нема да се случи.

Денес ние спориме за идентитетот и јазикот на нашите собраќа крај Вардар, место да земеме поука од прагматичноста на Србите, кои и покрај тоа што водеа војни со Хрватите и Бошњаците во 90-тите години на минатиот век кога се распаѓаше Југославија, не се толку пребирливи како да се нарекуваат нивните јазици кои своето потекло го водат од српскохрватскиот.

Уште колку пати ќе ги водиме овие спорови кои ни пречат да тргнеме напред, да се запознаеме и да ја намалиме вештачката дистанца создадена од времето и од надворешни сили?

Прашувам, но дали има кој да одговори…

Автор: Николај Крстев, новинар кој ја следи проблематиката на Западниот Балкан и процесите во Северна Македонија и другите држави од постјугословенскиот простор.Тој бил специјален известувач на Бугарското национално радио од Северна Македонија во 1998, 1999, 2001 и 2002 година, како и дописник од Белград од 2003 до 2011 и од Москва од 2015 до 2017 година. Соработува со речиси сите водечки печатени и електронски медиуми во Бугарија.

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор