Утрински Весник
Македонија

РСБСП: Повисоко ниво на сообраќајна култура, основен предуслов за побезбеден сообраќај

РСБСП: Повисоко ниво на сообраќајна култура, основен предуслов за побезбеден сообраќај

Скопје, 11 мај 2020 (МИА) – По повод 11 мај – Денот на културата во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира за повисоко ниво на култура во сообраќајот, со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

– Да се почитуваме меѓусебе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и да изградиме систем на општествени вредности во кој културата и етиката во сообраќајот ќе имаат важно и водечко место. Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени човечки животи, апелираат од РСБСП.

Оттаму велат дека сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот.

– Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Таа претставува начин на перципирање на односите во сообраќајот, на движење и однесување кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, се вели во соопштението од РСБСП.

Додаваат дека културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе. Неопходно е, посочуваат, да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст.

– Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, нагласуваат од РСБСП.

Карактеристично е, додаваат во соопштението, тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал, велат од РСБСП, речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајќи дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кои сите ние партиципираме.

– За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден, порачуваат од РСБСП. мс/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим