Кавадарци, 11 мај 2020 (МИА) – На грутка земја стави две ливчиња и потпри ја главата, ќе спиеш како јагне. Но, прво треба убаво да се измориш. Без разлика дали од копање во лозјето, физички вежби, пешачење и слично. Вака симболично ја претстави тајната формула за мирен сон и здрав живот, за МИА, кавадарчанецот Лазо Ристов. Го сретнав деновиве, како врти кругови околу Спомен-костурницата во Кавадарци. Сакав да видам како некои кавадарчани поминуваат дел од слободното време, пред полициски час, во услови на коронавирус.
– Ако не се изодам убаво, јас не можам да живеам. Од мал, цел век, што се вели, работев. Ова ми доаѓа како некакво хоби. Редовно пешачам вака. Работниот век го поминав како работник во земјоделско стопанство. Работев физичка работа во лозарство, по цели денови копав во лозови насади. Не ми беше мачно, по работа и откако ќе одморев малку, редовно вежбав, одржував кондиција. Ја сакам природата, раскажа тој.
Се договорив со Господ да живеам 111 години
Во градскиот парк во Кавадарци, за кој велат дека е еден од најубавите во државата, сретнав и други луѓе кои се рекреираа, уживајќи во прекрасната пролетна идила, мирисот на дрвјата и цвеќињата, звукот на птиците. Некои од нив шеговито коментираа дека романтичната патека од коцки, покрај вљубени, ја газат и рекреативци, но сè повеќе и оние кои тоа го прават поради здравствени проблеми. Затоа, според нив, таа треба да се крсти „инфаркт штрасе“.
– Јас имам 80 години и пешачам за да бидам здрав, инаку немам никаков проблем, ми рече Коста Јанев.
Група помлади лица исто така трчаа заради рекреација.
– Имам 77 години, тука сум оти од срце сум опериран и пешачам еве 15 години. Редовно, секое сабајле во паркот. И во време на корона. Кога е дозволеното време, сподели Андреа Рамнешов.
Дека движењето во природа е лек, се согласи и 86-годишниот Мирослав Наков.
– Во 2003 година ми ставија два стента. Во 2007 година пејсмејкер. Секој ден сме тука. И одлично се чувствуваме, откри Наков.
Во нивното друштво беше и Лазар Кузмановски. Ги честеше своите пријатели, оти утредента полнел 86 години. Беше видно расположен, дали поради роденденот, дали поради добриот муабет.
– Да живеам подолго, ете затоа пешачам. Три единици, ете толку години сакам да живеам, ха, ха. Скромно е, нели? Со клоца ги бркам годините. Прашуваш, дали можеби имам некој таен договор околу тоа колку да живеам? Да, се договорив со дедо Господ за 111 години и тој вели, нема проблем, само ти шетај вака, со широка насмевка зборуваше тој, нудејќи од частовката.
Ведрината и шеговитоста не отишле со годините, па така се расприкажавме за луѓе и настани. Тој ги насмеа сите со вицот за мајката која имала девет сина и на сите им го дала името Трпе. Кога ја прашале, како ги разликува, одговорила, според презимињата.
И со вино и со ж’та, кавдаречко ѓеврече со сè оде
На пат кон паркот во градот на грозјето, виното и тиквешката ж’та, некој во услови на карантин си го разубавуваше денот со песна. Дури и не сакајќи, случајните минувачи се заразуваа од македонската народна песна, а вирусот на љубовта чиниш извираше од стиховите: „Ќе умрам мајко, загинам, без неа дома не одам. Село слуга ќе бидам, само неа да земам.“
Така инфицирана и самата од музиката, која, којзнае зошто, ме потсети на свадбените веселби што периодов се забранети поради коронавирусот, здогледав човек со трска во рацете кој се спремаше за на риболов на Тиквешко Езеро. Веднаш му удрив неколку кадри за мојава репортажа.
– Викендичка имаме на езерото и таму одиме на викенд. Секое слободно време одиме таму, се релаксираме. Секое слободно време, па и во услови на коронавирус. На рекреативен риболов, ми потврди Никола Јованов, сопственик на фурна за надалеку познати традиционални вкусни кавадаречки ѓевречиња.
За многумина, тоа се највкусните ѓевреци што воопшто некогаш ги пробале.
Рече дека е рибар откако знае за себе, што би се рекло. Сега има 64 години.
– Велиш, оди ли риба со ѓеврече, да знаеш, ѓеврек на сè оде. И со ракија и со вино, со сè, коментираше овој претставник на фамилијарната ѓевречарска традиција од еден век.
Се интересирав како функционираат во новонастанатите услови викендашите крај езерото, со оглед на тоа што има голем број викендички.
– Сите сме си по башка, не се дружиме, се довикујме од куќа на куќа, а оддалечени се куќите по 300 – 500 метри, не се како во градот, што се вели, наакани една врз друга. Имам куќа кај Полошкиот манастир. Со глисер низ езерото, одам таму за 20 минути. Таму нема многу куќи и не се собираме. Не се дружиме, почитуваме изолација. Си се довикујме оддалеку, добро утро, како си, појасни Јованов.
Кога веќе разврзавме муабет, неизбежно беше и прашањето како пандемијата влијае врз бизнисот со ѓевреци.
– Околу 50 – 60 отсто беше намалено производството сега поради короната. Народот не се движи, ги стра луѓето. Додуше, почнува да се враќа продажбата, ама не е сè уште у нормала. Мораме да работиме, имаме вработени, имаме фамилии тука, дециден беше овој мајстор на својот занает.
Мотика не играе виќе у Тиквешијата
Мотика не играе виќе у Тиквешијата, ова ми го потврди Дончо Лазов, додека го фотографирав како со тракторот и туби полни со вода, беше тргнал да го прска лојсто од трава.
– Има ли, ами има трава. Зошто има? Ами сеа никој не копа виќе. Нема копачи. Не, не, фала, мотика не. А неќе никој, а неќу ни ја, изјави Лазов, кој има околу 16 декари лозов насад.
Тој кажа дека дел од слободното време кога не е на работа, го користи за на лозјето. Ја тера шеесет и првата година.
– Не се ни гледаме, право да ти кажам, со другите лозари, секој си ја гледа својата работа. Одиме таму, а завршујме работта и бегаме, рече и поита со тракторот, во чија приколка беше и рачната пумпа за прскање.
Имав уште неколку интересни средби, по кејот на реката Луда Мара, на врвот од костурницата од која се гледа целиот град како на дланка. Брачни парови кои уживаа во спокојот на паркот. Луѓето ги почитуваа мерките за дистанца, носеа заштитни маски.
Забележав нешто чудно. Кога на едно место видов напишано „mars“, прво помислив дека некој ја обожава планетата или едноставно сака некого да го измаршира. Кога истиот збор го регистрирав на повеќе места, па меѓу имињата на загинатите испишани на костурницата, сфатив дека некој неранимајко едноставно се потпишал секаде каде што стигнал. Оставил белег на својата некултура.
Забележав и испишани сочни псовки, кои на голем број тиквешани им се како добро утро. Со дел од моите соговорници поразговарав околу зоолошката градина, која пред долги години постоела во највинскиот дел во државата. Гледајќи ги со восхит камењата од ѕитчињата во паркот, во еден момент помислив, ех, колку животни тајни кријат во себе. Само кога би можеле да зборуваат. Којзнае што би кажале. Бидејќи луѓето доаѓаат и си одат, тие остануваат. А наспроти цврстите камења, нежните црвени булки, кои чиниш танцуваат извивајќи го телото кон сончевите зраци, или нишајќи се под шепотот на тивкото пролетно ветре.
И за крај. Општ е впечатокот дека на Кавадарци не му треба повторно зоолошка градина, бидејќи не е убаво да се затворат животни во кафез и да им се украде слободата. Тоа луѓето најдобро го разбраа во ова време-невреме, кога и самите на сопствена кожа искусија што значи тоа да се биде во карантин.
Светлана Дарудова