Утрински Весник
Македонија

Коалицијата „Можеме“ за избори на 14 јуни, се чека ставот на другите партии

Коалицијата „Можеме“ за избори на 14 јуни, се чека ставот на другите партии

Скопје, 11 мај 2020 (МИА) – Да се искористи олабавувањето на коронавирусот и стабилизацијата на пандемијата и да се оди на избори во средината на јуни, е ставот на претседателите на партиите од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ што се изгради на вчерашниот состанок во седиштето на партијата. Ставот ќе биде претставен на лидерската средба што ќе се одржи утре кај претседателот Стево Пендаровски.

Според лидерот на СДСМ Зоран Заев би било неодговорно да се загрозува здравјето на граѓаните и да се оди на избори на есен кога се очекува новиот пик на заразата. Тој смета дека треба да се искористи ситуацијата кога пикот на коронавирусот е поминат и кога интензитетот се намалува за да се одржат изборите затоа што во такви услови нема ризик по здравјето на граѓаните.

Тоа би и дало можност на државата подобро да се подготви за новиот бран со избрана политичка влада и Собрание и функционални институции за економски подобро да се справи со последиците. Доколку се повтори кризата, Заев вели, ќе останеме надвор од какви било уставни можности.

На лидерската средба Заев очекува да биде постигнат консензус и да биде дефиниран датум за одржување на изборите согласно препораките од Комисијата за заразни болести и да се говори за начинот на водење на кампањата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, се уште смета дека во моментот изборите не се прв приоритет. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните. Прв и основен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ, вели, е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за какви било датуми што ќе овозможат фер и демократско презентирање на политичката платформа.

– За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори, рече Мицкоски.

Смета дека според правните норми, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организираат изборите.

– Сценарио од аспект на тоа како понатаму ќе се одвиваат изборните дејства треба да каже ДИК. Практично колку време им е потребно за да го спроведат овој фер и кредибилен изборен процес. На овие избори и покрај тоа што граѓаните ќе бираат, а политичките партии ќе ја бараат поддршката на граѓаните, неопходно е да имаме кредибилно присуство на меѓународни набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР. Границите на ЕУ остануваат затворени до 14 јуни. Понатаму, СЗО за три месеци го продолжи рокот за од кога ја прогласи пандемијата. Така што има многу фактори што треба да се анализираат пред да ја донесеме конечната одлука, смета Мицкоски.

Тој се надева дека за датумот на изборите ќе се постигне консензус со останатите политички партии.

Ставот на ДУИ, пак, што деновиве го соопшти вицепремиерот Бујар Османи е дека треба да се исполнат два услова за одржување на избори – да не се загрози здравјето на граѓаните и да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР.

– Тоа значи дека доколку овие два услови се исполнуваат, ако Комисијата каже дека нема ризик за здравјето на луѓето да гласаат да се организираат, и набљудувачите да констатираат дека можат да дојдат да ги следат изборите, ние сме на став дека изборите можат кога било да се одржат, рече Османи.

Исходот од лидерската средба за изборите го чека Државната изборна комисија, иако некои нејзини членови излегоа со спротивни ставови околку изборната процедура.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет.

Членот на ДИК Борис Кондарко, пак, вели дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба заради пандемијата од Ковид-19.

Ист став застапуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, според кои, веднаш по прекинувањето на вонредната состојба, треба да продолжат активностите за организација на изборите таму каде што застанале, а партиските лидери, по препораката на здравствените власти, да го договорат терминот за нивно одржување.

На лидерската средба кај шефот на државата што ќе се одржи утре поканети се лидерите на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ, на ДПА, на БЕСА и на Алијансата на Албанците, а покана добил и претседателот на Собранието Талат Џафери. мс/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Архитектонскиот факултет при УКИМ ќе одбележи 75 години

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ

Сончево со мала до умерена локална облачност, претпладне магла по одделни котлини