Во однос на барањето на Коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ, изборите да се одржат кон средината на јуни, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека за партијата пред се е важно здравјето на граѓаните, а потоа фер и демократски избори.
„За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вклучувањето во вестите на телевизија „Телма“.
Тој посочи дека според правните норми, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-на дена за да се организираат изборите. Мицкоски се надева дека за датумот на изборите ќе се постигне консензус со останатите политички партии.
„Сценарио од аспект на тоа како понатаму ќе се одвиваат изборните дејства треба да каже ДИК. Практично колку време им е потребно за да го спроведат овој фер и кредибилен изборен процес. Неопходно е да имаме кредибилно присуство на меѓународни набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР, а знаете дека границите на ЕУ остануваат затворени до 14 јуни. Понатаму би сакал да ве потсетам дека СЗО за три месеци го продолжи рокот за од кога ја прогласи пандемијата. Така што има многу фактори кои што треба да се анализираат пред да ја донесеме конечната одлука“, појасни Мицкоски.