Тетово, 9 мај 2020 (МИА) – На православните гробишта во Тетово и Брвеница беа одбележани пет години од загинувањето на припадниците на специјалните полициски единици, Сашо Самојловски и Жарко Кузмановски, во антитерористичката акција во Куманово на 9 мај 2015 година. Почит им оддадоа претставници на повеќе организациони единици на МВР како и од Синдикатот на полициските службеници.
-Немилиот настан во Куманово остави длабока трага, настан кој не е расчистен иако има пресуда, но остана нерасчистено под кои околности и како се случи. Жална е сликата што тука ја гледаме денес за сите загинати. Припадниците на МВР никогаш не жалеле и штеделе своите животи, а затоа на сите нас останува на совеста и одговорноста да се грижиме и за припадниците и за нивните семејства и за грагаѓаните. Нека им е вечна славата на оние кои загинаа, за да живееме денес слободни, истакна Славјанка Петровска, дополнителен заменик – министер во МВР.
Кирил Бунгуров од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев истакна дека денеска се потсетуваат на вечните херои и на настан, кој беше еден од најголемите предизвици за македонската полиција и безбедносни системи, настан после кој во делот на безбедноста веќе ништо нема да биде исто.
-Сите оперативни акции и планови се менуваат после кумановската населба Диво Насеље. Тука сме да одадеме почит на нашите херои кои на браникот на она што е одбрана на сопствената чест и достоинство, на својата татковина го дадоа најсветото нешто, тоа е сопствениот живот во најубавите години во младоста. Луѓе кои можеа уште да придонесат за сопствениот народ и за сопствената фамилија, изјави Бунгуров.
Семејствата на загинатите организираа помен на гробовите на Самојловски и Кузмановски. ас/рп/