Скопје, 9 мај 2020 (МИА) – Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин, положија цвеќе на новоподигнатиот споменик „9 Мај“ во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна. Спомен-обележјето, донација од Амбасадата на Руската Федерација, е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.
-На 9 мај 1945 година, во Берлин, претставниците на германските сили ја предадоа потпишаната капитулација на советскиот маршал Жуков и британскиот маршал Тедер. Со тој чин, завршува едно мрачно поглавје од светската историја. Денес, треба да бидеме помудри и да учиме од историјата. Да им бидеме благодарни на нашите претци, кои несебично се вклучија во битките и во борбите со окупаторот. Тие храбро и достоинствено ја извојуваа оваа голема победа за сите земји и народи и за враќање на светскиот мир, како една од највисоките цели на човештвото, рече Богдановиќ во поздравниот говор.
Со оддавање почит на загинатите во Втората светска војна и со пораки за продолжување на пријателството меѓу двата народи, додаде, ги повторуваме заложбите за унапредување на соработката и партнерството со Руската Федерација.
-Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи. Како прототип или поточно, извор на идејата за него послужи споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во јануари 1942 година до март 1943 се одвиваа тешки крвави битки. Во нив загинаа речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената армија, изјави Баздникин.
Општина Центар заврши со реконструкција на улицата на која се наоѓа споменикот. Стариот и дотраен асфалт е заменет со нов, на вкупна површина од 1.076 квадратни метри, поставени се нови рабници, шахтите се нивелирани, а реконструирани се и тротоарите со нови префабрикувани бетонски елементи на површина од 1.020 квадратни метри. вј/мс/