Утрински Весник
Македонија

ИРГ за справување со загадување: За успешно вклопување на сите политики, неопходно креирање на автохтон македонски зелен договор

ИРГ за справување со загадување: За успешно вклопување на сите политики, неопходно креирање на автохтон македонски зелен договор

Скопје, 8 мај 2020 (МИА) – Интерсекторската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух и дефинирање соодветни препораки и мерки што треба да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот (ИРГ) денеска преку видео-конференција го одржа 15-от состанок.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, на тема „Како да продолжиме со чистиот воздух во новата нормалност“, свои презентации имале заменик министерот за животна средина и просторно планирање и претседател на ИРГ, Јани Макрадули, како и претставничката на невладината организација „Еко-Свест“.

Со дискусии се вклучиле присутните членови на ИРГ, по што се донеле заеднички заклучоци, со соодветни предлог – краткорочни и долгорочни мерки.

Краткорочни мерки – еден ден во неделата да биде кога ќе се работи од дома (на пример петок); еден ден во неделата без моторни возила (на пример среда); еден ден во неделата наставата да се одвива по електронски пат; еднаш месечно една седница на Влада да биде преку електронска платформа; на седниците на Комисиите, поканетите гости, да учествуваат исклучиво по електронски пат; во третиот пакет економски мерки да се помагаат само оние компании кои ќе покажат и бизнис планови за идни активности во заштита на животната средина; ослободување од отплата на средства доколку компанијата применува мерки од Новиот зелен договор и Парискиот договор; стимулирање на компании кои своите бизнис модели ќе ги дизајнираат по принципите на циркуларната економија; поставување мини контејнери за медицински отпад; усвојување и примена на Уредбата за еко налепници; и усогласување и прифаќање на предлозите од иницијативата: „На точак“ за создавање функционални услови за стимулирање на користење на велосипедскиот сообраќај.

За среднорочни мерки, наведени се декарбонизација на начинот на затоплување (како во домаќинствата, така и во јавните институции); забрзана имплементација на Планот за чист воздух; да не постои јавна институција која загадува; субвенционирање на домаќинствата за замена на затоплувањето доколку истото загадува; заштита на производителите на обновливи извори; масовен проект „Реновирање на зградите“ за зголемена енергетска ефикасност; изедначување на цената на екстралесното гориво со дизелот.

– За успешно вклопување на сите политики и мерки, неопходно е креирање на автохтон македонски зелен договор, со вклучување на домашното знаење и експертиза од сите чинители, јавни институции, граѓански организации, приватен сектор и академска заедница. За подготовка на овој договор веќе има неколку меѓународни организации кои сакаат да го поддржат неговото реализирање, соопшти владината прес-служба, кои додаваат дека со креирање на овој договор, ќе покажеме зрелост пред дефинирањето на зелениот договор за Западен Балкан.

Овој договор, се наведува во соопштението, по концепт е компатибилен и дава поддршка на предложените мерки од 20-тина граѓански организации, а иницирани од страна на WWF. мс/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина

Филипче: Заев и Ковачевски ја жртвуваа политичката кариера за денес да бидеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ