Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Ќе биде тешко да се вратат луѓето во киносалите (инфографик)

Ангелов: Ќе биде тешко да се вратат луѓето во киносалите (инфографик)

Вонредните мерки за справување со Ковид-19 пандемијата го измени целокупниот начин на живот и најголем дел од активностите на граѓаните се реализираат во домашни услови. Во насока на заштита на здравјето на граѓаните, владата уште на 13 март одлучи да се затворат сите кина, театри и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани, концерти или други културно-информативни настани. Од друга страна, се појави и прашањето како пандемијата ќе се одрази на сите оние кои творат и придонесуваат во филмската индустрија и што ќе се случува со оваа индустрија откако ќе стивне заразата.

Директорот на Кинотеката на Северна Македонија, Владимир Ангелов вели дека ќе има последици, но тие нема да бидат на подолг рок. Тој се надева дека авторите мудро го искористиле овој период да ги завршат старите, но и да започнат нови проекти.

„Со телевизиските прикажувања на македонската продукција видовме дека македонскиот филм има перспектива. Сепак има уште многу македонски филмови што останаа без ТВ премиера и тоа во нашата земја. Можеби и телевизиите (со сета скепса) ќе почнат да размислуваат поинаку, па некоја ќе направи емисија за филм, за култура. Има некои најави, но скромни. Генерално нѐ отруја со политика“, изјави Владимир Ангелов за „Мета.мк“.

Тој вели дека е тешко да се предвидува иднината на филмот по вонредната состојба.

„Имаме теми што може да се пренесат на филм. Тоа го видовме со последните успеси на ‘Медена земја’ и ‘Петрунија’“, посочува првиот човек на Кинотеката.

За овој месец, најавени се и „Пролетните онлајн миграции“ на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) во соработка на Кинотеката и Кинесквер, со поддршка од Град Скопје. Ангелов се надева дека овие интернет фестивалски изданија ќе останат само изнудени варијанти. Заедно со ФФФ се планираат и „регуларни“ проекции во Кинотеката на почетокот на ноември.

„Ги почитувам ВОД платформите и телевизиските прикажувања на филмовите, но мислам дека социјалниот момент од филмските проекции во кино е незаменлив. Исто како што се незаменливи концертите, изложбите, театарските претстави. И затоа се надевам дека ќе може да се оди во кино како порано, иако ќе биде тешко да се вратат луѓето во киносалите. И да кажам дека и без пандемијата никогаш ништо не е како вчера“, дециден е Ангелов.

Сепак корона кризата создаде поволни услови за веб страните кои нудат онлајн пренесување на филмови. Нивниот број на корисници значително се зголеми за време на карантинот. Од друга страна, како искра на локално ниво се појавува иницијативата #ШтипСакаКино.

„Одењето во кино не е само „тепање време“ како што тоа најчесто се другите медиуми за гледање филмови (помеѓу другото). Се работи за ритуал и за социјален момент. Понекогаш и терапевтски“, вели Ангелов.

Тој потсетува дека киното е скапа инвестиција што бара одржување, за кое треба голема желба, многу работа, снаоѓање и умеење. На штипските и сите останати кино-ентузијасти им посакува среќа и успех, бидејќи како што вели, тешко е да се обнови нешто што е дури заборавено.

„Мотивaција нека им биде Центарот за култура Битола кој со своето 3Д кино Битола ги руши рекордите на посетеност. Знам дека во Битола „на кино“ одат и луѓе од околните градови, па дури и од Охрид. Филм во кино и штипска пастрмалија по проекцијата ми звучи одлично. Доаѓам“, вели Ангелов.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме