Утрински Весник
Македонија

Спасовски на увид во изградба на социјална зграда во Пробиштип

Спасовски на увид во изградба на социјална зграда во Пробиштип

Штип, 8 мај 2020 (МИА) – Премиерот Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на  АД за станбен и деловен простор Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов  денеска извршија  увид во изградба на станбена зграда во Пробиштип, наменета за социјално ранливите категории на граѓани.

Спасовски оцени дека и во услови на кризата предизвикана од коронавирусот, реализацијата на капиталните инвестиции не запреа. Голем дел од проектите се во тек, а градежните работи се одвиваат непречено. Забележа дека и во овие услови, со неопходните мерки за лична заштита на работниците, интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации и се гради гасоводот.

-Во полн ек е изградбата на социјални станови, кои во делот на градежништвото се значаен сегмент од капиталните проекти. Денеска направивме увид во градежните работи на зградата со станови наменети за нашите сограѓани во социјален ризик. Ова е прв таков објект во Пробиштип во кој свој траен дом ќе најдат 48 семејства од социјално ранливите категории граѓани. Изградбата започна во јуни 2019 година, и денеска добивме уверување дека ќе биде завршена според предвидениот план, односно во јануари во 2021 година, рече Спасовски.

Во моментов, додаде, социјални згради се градат уште на четири  локации низ државата, и тоа во скопската општина Бутел, објект со 312 станови, во Неготино зграда со 62 стана, во Свети Николе се градат 48 станови, и во Виница зграда со 36 станови.

-Оваа градежна иницијатива е резултат на интензивното спроведување на утврдените мерки и политики за подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Презедовме и ја реализираме обврската да создаваме услови сите овие лица да добијат покрив над глава, сигурност и подобри услови за живот. Колку за споредба, во периодот од 2011 до 2017 година, односно за шест години, биле изградени 678 стана, а во периодот од 2017 до 2020 година, или за три години се изградени и се во тек на изградба 897 станови, посочи Спасовски.

Директорот на АД за станбен и деловен простор, Трајковски рече дека е планирано отпочнување на уште осум  вакви објекти во исто толку градови во земјата, од кои повеќето ќе добијат за првпат згради со социјални станови. Овие инвестиции продолжуваат и во буџетот нема кратење на средства за нив.

-Интензивно работиме на сите овие процеси, кои зависат од нас. Очекувам до крајот на шести и почетокот на седми месец, во период од две години да отвориме 13 градилишта за социјални згради, за социјалните семејства. Во преговори сме со Европска банка за уште неколку проекти за изградба на згради за други социјално ранливи категории  и да помогнеме на сите оние лица, на коишто им е потребно решавање на станбеното прашање, рече Трајковски.

Министерот за тарнспорт и врски Сугарески денеска во Пробиштип истакна дека сите проекти продолжуваат и во делот на патната инфраструктура, гасоводната мрежа и во делот на водоводот и канализација, а во тек е целосна реконструкција на регионалниот пат од Пробиштип до село Крупиште, како и изградбата на првата делница од експресниот пат од Штип до Кочани.

Градоначалникот на Анастасов посочи дека изградбата на социјалната зграда е капитален проект за граѓаните, бидејќи се решава еден голем проблем за 48 семејства и додаде дека во последните 2,5 години има највисоки инвестиции во општината од страна на Владата. вдј/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства