Гостивар, 8 мај 2020 (МИА) – Гостиварец завршил во полициска станица откако бил пријавен дека синоќа физички нападнал татко и син. Во пресметката, пријавениот се заканувал со нож и секира.
Според СВР Тетово, синоќа во 19 часот, И.Р.(44) од Гостивар пријавил дека половина час пред тоа, на улица „Балиндолска“ во Гостивар, тој и неговиот син биле физички нападнати од Н.Ш.(56).
Според пријавата, тие претходно се расправале и набрзо дошло до физичка пресметка. Пријавениот Н.Ш. им се заканил со нож и секира, а при обид да му го одземе ножот, И.Р. се здобил со повреда на десната рака.
Н.Ш. е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот. згм/мд/