Утрински Весник
Македонија

Куманово распиша тендерската постапка за адаптација на покрив и столарија за објект на „Браќа Миладиновци“

Куманово распиша тендерската постапка за адаптација на покрив и столарија за објект на „Браќа Миладиновци“

Куманово, 8 мај 2020 (МИА) – Општина Куманово распиша тендерската постапка за адаптација на покрив и столарија во ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“ Куманово.
Како што информираат од Одделението за јавни набавки од Општината, заинтересираните треба да ги достават понудите најдоцна до 14 мај годинава. Тендерот за реконструкција на објектот на улицата „Тане Георгиевски“ опфаќа замена на покривот, внатрешна, надворешна столарија, подови. Објектот е еден од најстарите во градот Куманово, а го користат две централни училишта за ученици од редовна настава и за ученици со попреченост.
– ООУ „Браќа Миладиновци“ со овој проект го заокружува реновирањето на сите објекти што се од витално значење за нормално функционирање на воспитно-образовниот систем за 1.300 ученици. Од Владата на Република Северна Македонија имаме и донација за приклучување на објектот на загревање со гас, така што објектот кој и според својата архитектура и историско значење на градот ќе блесне со вистински сјај и убавина. Се надеваме дека ќе посветиме внимание и на уредување и прилагодување на дворното место за игра и настава по физичко образование со што ќе му дадеме и естетско-корисна намена во тој дел на градот. Благодарност за УНДП и Советот на Општина Куманово за можноста која им ја дадоа на 530 ученици да учат и творат во прекрасни услови, изјави директорката на училиштето, Марина Манојловска.
Проектот за реконструкција на истурениот објект на кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ доби најголем број гласови од учесниците од последната сесија на Форумот на заедниците што се одржа  во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Реконструкцијата на објектот, во кој настава следат вкупно 530 ученици од две централни училишта, меѓу нив и 55 ученици во посебните  паралелеки, ќе се реконструира со 50. 000 швајцарски франци, обезбедени од проектот што го спроведува Советот на општина Куманово со поддршка на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ опфатил едукација за советниците од повеќе сфери и за надлежностите од локалната самоуправа. Граѓаните, здруженијата, невладините организации, општинската администрација, училишта сами предлагаа и го избраа приоритетниот проект. ам/мд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!

Почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Студено утро со температури и до минус 11 степени