Скопје, 8 мај 2020 (МИА) – Вкупно 1860 пакети со храна и хигиенски продукти се како итен одговор и поддршка за оние кои се најсилно засегнати од кризата предизвикана од Ковид19 обезбеди телото на Обединетите нации за родова еднаквност и зајакнување на жените – UN Women.
Во тесна соработка со Министерството за труд и социјална политика, оваа поддршка е
наменета за 368 еднородителски семејства, корисници на загарантиран минимален приход, од којшто најголемиот процент (95 отсто) се жени, 329 регистрирани жртви на семејно насилство, како и за шелтерите и кризните центри за жртвите на родово-базирано насилство во целата земја.
Оваа поддршка е овозможена преку проектот на UN Women „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.
-Справувањето со животните трошоци за време на пандемијата се покажа како предизвик, посебно за економско-неактивните жени или фамилии кои живеат со минимални приходи. Кризата ја донесе потребата за зголемена употреба на средства за лична хигиена, дезинфекција и маски како мерки за заштита. Тоа е посебно тешко за фамилиите кои едвај имаат средства да ги покријат основните трошоци за храна. Затоа, оваа поддршка вклучува храна за домаќинството, хигиенски продукти за семејството, како и хигиенски продукти наменети за жените, се наведува во соопштението на UN woman.
Се додава дека пандемијата се покажа дека е повеќе од само обична здравствена криза.
-Таа е исто така и глобална социо-економска криза во која жените се несразмерно засегнати. Жените се на првите линии како работнички во здравствениот, социјалниот сектор и индустријата за храна, и поради тоа се многу поранливи и повеќе изложени на ризик. Тие се повеќе застапени во неформалната економија, многу од нив се економски неактивни, и им недостига заштита и финансиска сигурност. И сеуште, жените се „невидливи“, а го носат најголемиот товар на неплатена домашна работа и грижа за децата и постарите членови од семејството и се соочуваат со поголем ризик од
родово-базирано насилство, додава UN Woman.
Дистрибуцијата, се истакнува во соопштението, ќе се изврши преку републичкиот Црвен Крст и Центрите за социјална работа за да се допре до оние на коишто им е најпотребна помошта. ац/