Скопје, 8 мај 2020 (МИА) – Скокот во бројот на нови инфицирани со КОВИД-19 – потврдени 33 случаи за 24 часа, од кои најмногу во Скопје (11) и во Велес (девет), ќе се следи деновиве за да се утврди дали е случајност или некоја варијација, рече министерот за здравство Венко Филипче откако по неколку дена пад и повеќе оздравени отколку заразени, вчера повторно се зголеми бројот на нови позитивни на коронавирусот.
Покрај новите заразени во Скопје и Велес, во евиденцијата за претходните 24 часа вчера беа регистрирани и пет новозаболени во Прилеп, по двајца во Куманово, Тетово и Битола и по еден во Штип и Крива Паланка.
Според Филипче, тоа се резултати од само еден ден и од нив засега не може да се извлече заклучок за скокот. – Во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број заболени, во еден момент имаше и над 100 новодијагностицирани, рече министерот, додавајќи дека денеска и утре ќе направи анализа за причините.
Вчера беше регистриран и уште еден починат пациент – на 70-годишна возраст од Велес, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во болницата во Велес Со него, вкупниот број на починати од заразата достигна 89. Од почетокот на епидемијата во земјава, потврдени со КОВИД-19 се 1572, оздравени се 1079, а активни случаи има 404.
Заразата во Велес од каде што се стигнати резултати за девет нови позитивни случаи, според градоначалникот Аце Коцевски, е точно лоцирана. Седуммина од нив се вработени во конфекцијата ЈУ-КА, а двајца се пензионери кои тврделе дека седеле дома и оделе само до аптеки и до маркет да пазарат. Вкупниот број на заразени во Велес со нив се искачи на 93.
Министерот Филипче соопшти дека Центарот за јавно здравје-Скопје и Институтот за јавно здравје го завршиле планот за скрининг кој треба да почне следната недела. Се работи за околу 400 до 500 тестови согласно со индикациите по критични групи на граѓани.
Ќе бидат опфатени здравствени работници, вработени во градинките, во домовите за стари лица во прва фаза, понатаму и припадници на полицијата, возачите во ЈСП, таксистите, вработените во јавни служби, пациентите пред хоспитализација, пациенти коишто треба да примат биолошка терапија односно категории за кои е важно да се процени ризикот и да се идентификуваат асимптоматските носители.
Скринингот ќе се прави со ПСР-тестовите преку матичните лекари. Во договор со Стоматолошката комора, брисови ќе се земаат и преку матичните стоматолози.
Монтажната болница, пак, која е подигната до Клиниката за инфективни болести и има капацитет од 72 кревета за кои сега нема потреба од користење, ќе може да функционира како ургентен интернистички центар. Тој ќе биде своевиден коридор и место за тријажа на пациентите – дали имаат или немаат коронавирус пред да се упатат до некоја од клиниките.
Колку ќе трае полицискиот час викендов ќе се разговара на состанок денеска. Ќе се разгледуваат и можностите за олабавување на мерките кои би важеле од следната недела и, според препораките на стручните лица, кој ќе биде редоследот за враќање на процесите и нормализирање на состојбата, вклучително и дали ќе има услови за одржување избори. хс/лв/