Утрински Весник
Македонија

Во Велес девет новозаразени со Ковид-19, еден починат и еден на респираторна машина 

Коцевски: Состојбата во Велес е добра, нема регистрирано новозаболени од Ковид-19

Велес, 7 мај 2020 (МИА) – Градоначалникот на Велес Аце Коцевски денеска упати апел до велешани дека нема место за вознемиреност, бидејќи заразата е точно лоцирана меѓу вработени во конфекцијата ЈУ-КА со исклучок на двајца пензионери. Тој им порача на граѓани сепак да не се опуштаат, да се однесуваат совесно и одговорно и да ги почитуваат мерките за лична заштита и држење растојание.

Тој на прес-конференцијата информира дека најголем дел од деветте новозаразени се вработени од конфекцијата ЈУ-КА и членови на нивни семејства и дека заразата е лоцирана. Посочи дека денеска телефонски разговарал со сопственикот на конфекцијата ЈУ-КА и тој го известил дека во саботата донеле одлука да прекинат со работа, а моментално на работа оделе 15-тина вработени, најголем дел од администрација и дел од вработените за тековно одржување.

Коцевски рече дека исклучок се двајцата пензионери заразени со Ковид-19 кои тврделе дека седеле дома и оделе само до аптеки и до маркет да пазарат.

– Новонастанатата состојба во Велес е предупредување за сите општини и населени места во земјава дека не треба да се опуштаме и дека треба да бидеме внимателни при контактите и совесно и одговорно да се однесуваме до препораките на заштита, порача Коцевски.

Тој информира дека со новозаболените девет лица бројот на регистрирани со Ковид-19 во Велес се искачи на 93 и двајца во Општина Чашка или вкупно 95 заболени.

Изминатите 24 часа, Коцевски соопшти дека, еден пациент од Велес починал, а еден е ставен на респираторна машина на Инфективната клиника во Скопје.

Досега во Велес се излекувани 44 со два негативни теста, а 47 моментално се активни.

На домашно лекување се 28 пациенти, а 21 пациент се на Инфективното одделение во велешката Општа болница, од кои кај 20 е потврдено присуството на Ковид-19, а кај еден се чека резултат од контролен тест.

Коцевски информира дека двајца пациенти се на поддршка од кислород.

– Согласно денешните одлуки на седницата на Општинскиот кризен штаб, во наредните денови ќе се изврши вонредно дезинфицирање на парковските површини во градот и кај езерото „Младост каде има рекреирање на граѓаните во природа, а со цел да се заштити нивното здравје, посочи Коцевски. ад/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме