Утрински Весник
Македонија

Реконструкција на патот од Криволак до излезот на регионалниот пат Неготино – Штип 

Реконструкција на патот од Криволак до излезот на регионалниот пат Неготино – Штип 

Неготино, 7 мај 2020 (МИА) – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во придружба на неготинскиот градоначалник Тони Делков денеска изврши увид на реконструкцијата патот од центарот на село Криволак до излезот на регионалниот пат Неготино – Штип, во должина од шест километри.

– Денеска сме тука да видиме како функционира еден типичен успешен проект на воено цивилната соработка. Армијата не години, туку децении го користи Криволак за развивање на своите капацитети, секако и за користење за развивање на капацитетите на Алијансата. Меѓутоа, не може да го користите капацитетот, а да не водите сметка и за потребите на локалното население. Ние уште минатата година најавивме дека со средства на МО ќе обезбедиме пари за Општината Неготино да може да инвестира во подобра патна инфраструктура која што ќе го поврзе и полигонот Криволак, но и селото Криволак со Пепелиште. Знам дека многумина во овие населени места не веруваа дека од зборови ќе преминеме на дела, меѓутоа денеска сме тука да покажеме дека тоа што го ветивме минатата година се реализира и ќе биде готово во следните неколку месеци, изјави министерката Шекеринска.

Со овој пат, нагласи таа,  се дава шанса за подобра инфраструктура за Армијата, но, пред се, се дава шанса на граѓаните на околните населени места да живеат во подобри услови и да бидат подобро поврзани.

– На ваков начин ќе продолжиме да работиме. Ние сметаме на развој на капацитетите на Криволак, меѓутоа, секојпат кога ќе организираме некој настан, како минатогодишната воена вежба голема во Криволак, ќе оставиме нешто и за локалното население и за локалната заедница и за локалната инфраструктура. И на ваков начин на сите граѓани во Неготино и Неготинско ќе покажеме дека нивна предност е што го имаат полигонот Криволак и дека може да сметаат навистина на поддршката на Армијата и на поддршката која ние ја добиваме од НАТО, децидна беше Шекеринска.

Делков информираше дека изминатиот  период Општина  Неготино во континуитет имала барања до Министерството за одбрана на Република Северна Македонија,  за преземање на мерки за санација на овој патен правец. Бидејќи се работи за локален пат кој изминатиот период беше најмногу користен од страна на возилата на Армијата и е единствениот кој води до Воениот полигон, од Министерството за одбрана биле побарани  финансиски средства со кои би се направила комплетната реконструкција.

– Ја користам можноста да се заблагодарам на министерката Радмила Шекеринска, која ги слушна потребите на граѓаните но и на Армискиот полигон и како Министерство,  со одлука на Владата на Република Северна Македонија, обезбедија финансиски средства во висина од 34 милиони денари, средства кои беа префрлени на Општина Неготино. По спроведената  постапка од страна на општината, беше избрана фирма која ги изведува работите на терен, рече градоначалникот.

Тој појасни дека се работи во две фази. Во првата фаза комплетно се реконструирани два километри, од центарот на селото до Армискиот полигон Криволак. Градежните работи продолжуваат понатаму и на втората делница од четири километри, од Армискиот полигон Криволак до регионалниот пат Неготино – Штип,  во непосредна близина на селото Пепелиште.

– Воедно, сакам да се извинам на локалното население од Пепелиште и Криволак, кое периодот додека се реконструираше мостот на реката Вардар, беше принудено да го користи овој алтернативен пат, кој беше во многу лоша состојба. Со комплетната реконструкција, ќе ја исправиме грешката, а воедно и ќе го исполниме ветеното спрема граѓаните од овие населени места како и Армискиот полигон Криволак, нагласи Делков. свд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме