Утрински Весник
Македонија

Избори час поскоро, ако состојбата со епидемијата го дозволува тоа, порача Шекеринска

Изјава на министерката Шекеринска

Неготино, 7 мај 2020 (МИА) – Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска порача дека избори ќе се организираат час поскоро, доколку состојбата со епидемијата на коронавирусот го дозволува тоа. Министерката за одбрана, која денеска беше во посета на  Неготино и направи увид на реконструкцијата на патниот правец Криволак – Пепелиште, истакна дека здравјето е пред се, а се останато е бркање политички интереси.

-Ако тоа ни го даде епидемијата како шанса, час поскоро да организираме избори, одговори Шекеринска, на новинарско прашање околу лидерската средба и датумот за избори.  На лидерската средба, нагласи таа, не треба да се лицитира со датуми, туку треба да се носат  одлуки коишто ќе бидат во полза на државата и на најголем број на граѓаните.

-Ние од самиот почеток на епидемијата со брзата и ефикасна реакција покажавме дека животот и здравјето немаат цена. И затоа бевме една од првите држави коишто воведовме мерки кои не спасија од сликите коишто ги гледаме во Италија или во Шпанија или во некои други држави. Не бевме слепи пред опасноста и не теравме политика, иако и тогаш беа закажани изборите. Покажавме дека здравјето навистина ни е пред се. Водиме сметка дека државата денеска функционира за жал, без Собрание. И ние како Влада покажавме демократски капацитет дека не сакаме да ја злоупотребуваме оваа состојба за да имаме неограничени права и да немаме контрола. Затоа сметаме дека во прв момент кога тоа ќе ни го дозволи епидемијата, треба да искористиме шанса. Ако тоа ни го даде епидемијата како шанса, час поскоро да организираме избори. Се останато, би било навистина бркање на политички интереси. И јас очекувам, апелирам и барам и другите политички партии да се водат од овие принципи, нагласи министерката. свд/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Затвореник од Идризово излегол на викенд и се обидел да ограби спортска обложувачница во Центар

Митева: Лотарија на две фирми, едната од Струмица, другата од Скопје незаконски им доделила лиценци за игри на среќа

МВР поднесе кривична против Крешник Бектеши за вршење притисок врз полициски началник за време на изборите