Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Бугарија беше една од тие што гласаше за започнување на преговори со ЕУ. Доколку сакаше да го попречи овој процес можеше да го блокира во март бидејќи без согласност на Бугарија ние немаше да добиеме одлука за започнување на преговори. Фактот што дава поддршка, но во записникот остава една забелешка, само кажува дека има едно прашање кое треба да се реши, меѓутоа Бугарија не планира да го блокира процесот бидејќи можеше да го блокира во одлуката. Со едно „не“ на самитот во март Бугарија можеше да ја спречи одлуката за започнување на преговори. Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на новинарско прашање дали можеби ќе се соочиме со уште едно вето, овојпат од Софија.
– Дел од забелешката на Бугарија на Самитот во март беше едностран акт што беше вметнат во записникот како мислење на една земја членка, но не и во Заклучоците кои го претставуваат мислењето на сите земји членки. Туку, едноставно, во записникот беше забележано дека една земја членка има реагирано по однос на ова прашање и ги има ставено овие забелешки. Што значи дека во Заклучоците од самите во март нема став на целата ЕУ по однос на ова прашање. Меѓутоа, се разбира дека ние сме го потпишале Договорот за добрососедство во Бугарија и ние имаме обврска да го исполниме тој договор вклучувајќи и позитивни резултати од комисиите што расправаат за историските теми, рече Османи.
Според него, генерално еден од предусловите за членство во ЕУ се добрососедските односи и затворање на отворените прашања со соседите и смета оти нема ништо ново во тој контекст.
– Сметам дека во наредниот период треба сериозно да се седне со бугарската страна, да се разговара за сите прашања и да се обидеме да го надминеме ова решение во рамки на ставовите коишто ги имаме. Имаме потпишано Договор за добрососедски односи со Бугарија, имаме потпишано Преспански договор со Грција и таму има работи коишто треба да се имплементираат. Се разбира, постојат механизми и тела коишто се формирани врз основа на тие договори и таму ќе се разговара и ќе се обидеме да најдеме решение, истакна вицепремиерот Османи. нд/са/