Утрински Весник
Македонија

Манчевски: Владата останува на заложбите за отворено партнерство, инклузивност и транспарентност

Манчевски: Владата останува на заложбите за отворено партнерство, инклузивност и транспарентност

Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство (ОВП) и на Националниот акциски план за ОВП 2018-2020, денеска одржа конститутивна седница, на која се обрати министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој се осврна на заложбите на Владата за отворено партнерство, инклузивност и транспарентност.

Манчевски, како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, посочи дека изминатиот период беше постигнат успех за проширување на оваа иницијатива и во рамките на Собранието. Овој успех, како што се наведува, е очекувано да биде надополнет во текот на следниот период со приклучување на судството во оваа значајна иницијатива за Отворено судство со новиот Акциски план за следните две години.

– Зборувајќи на тема на судството, не можеме, а да не зборуваме и за предизвиците. Судската власт со своето однесување досега не даваше позитивни сигнали дека има волја значитално да ја зголеми транспарентноста во своето работење. Слично, со чесни исклучоци може да се констатира и за локалната власт. Некаде се работи за немање доволно информации и свесност, но некаде се работи и за немање на волја. Како претставник на централната власт, морам да кажам дека моето мислење е оти овие предизвици граѓаните ги препишуваат како проблем, немање волја од страна на Владата, а тоа не е така. Со оглед на поделеноста на централната од локалната и судската власт, ова е навистина предизвик и ќе треба активно да се работи со овие сектори, рече министерот Манчевски.

Тој се осврна и на промените кои се неизбежни како одговор на борбата со Ковид-19.

– Нов и неочекуван предизвик е борбата за здравјето, односно борбата со Ковид-19. Колку и да користиме технолошки решенија и се обидуваме процесите да не запрат, мора да се подготвиме и за новиот начин на функционирање. Повторно алудирам на новите технологии, кои ни даваат неограничени можности. Но, пак ќе нагласам дека ќе мора да излеземе од сегашното нормално, мора да сме отворени за промени, мора да прифатиме дека работите можеби веќе никогаш нема да се како порано. Наша предност ни е и тоа што сме мала земја, така што мислам дека можеме и полесно да се преструктурираме, заклучи министерот Манчевски.

Советот за координација и следење ќе има значајна улога. Ќе има за цел на структуриран начин да го максимизира учеството и соработката меѓу институциите и граѓанското општество, преку вклучување релевантни партнери во дискусијата и овозможување да се слушнат гласовите на сите.

Седницата ја модерираше извршниот директор на Фондација Метаморфозис, Бардил Јашари, а се обрати и Сандра Пренар од канцеларијата за ОВП. мд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри

Александар Димитријевиќ нов генерален секретар на СДСМ, еве кои се потпретседатели

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата