Скопје, 6 мај 2020 (МИА) – Уставниот суд со денешната одлука ја потврди законитоста при носењето на ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз во Општина Центар и донесено е Решение со кое се одредува дека нема да се поведе постапка на Одлуката на Советот на Општина Центар бр.08-2925/6 од 11 јуни 2019 година. Со ова се отфрлува Иницијативата поднесена од ССИ Инвестмент ДООЕЛ Скопје. Постапката која претходеше на донесувањето на оспорената Одлука е спроведена согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
На денешната, 12-та седница на Уставниот суд присуствуваше градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
– Би сакал да ја информирам јавноста дека подносителот на Иницијативата го поднел известувањето за јавна анкета надвор од предвидените законски рамки, додека Општина Центар во меѓувреме ја има завршено постапката согласно Законот пред надлежните органи од Министерството за транспорт и врски и Град Скопје за добивање позитивно мислење за ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз“, изјави Богдановиќ.
Тој наведе дека со донесување на Деталните урбанистички планови, донесени во 2012-та година не се почитувани стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и на тој начин е оштетен јавниот интерес, како главен постулат на кои се засновани Деталните урбанистички планови во Општина Центар.
– Со непочитување на стечените права и зголемување на катноста, на места каде не треба да постојат осум ката, била предвидена надградба со која се дозволувала градба на повеќе од осум ката. На овој начин директно е причинета штета на постоечките права, како и основните стандарди за обезбедување квалитетен живот на центарци, истакна градоначалникот.
Тој нагласи дека и тие, како Општина Центар при носење на Деталните урбанистички планови, се придржуваат на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето, подобрување на условите преку плански одредби кои воведуваат повисоки стандарди во однос на постојната состојба или во однос на претходниот урбанистички план, хармонизација и хуманизација на просторот со плански одредби кои ќе ја штитат и стимулираат приватната сопственост, но на начин кој нема да го повреди јавниот интерес.
– Со денешната Одлука, Уставниот Суд на РСМ ја потврди Одлуката на Советот на Општина Центар и состојбата на објектите од ДУП-от Градска четрвт И 04 – Даре Џамбаз. Успешното спроведување и донесување на нови и ревидирани ДУП-ви кои произлегуваат од таканаречениот Мораториум на градби, Општина Центар ќе продолжи да го спроведува, се’ со цел да се донесат подобри Детални урбанистички планови за жителите на Општина Центар и зголемување на квалитетот на живот во Општина Центар, заклучи Богдановиќ.см/са/