Утрински Весник
Македонија

Дваесет и девет години од загинувањето на војникот Сашко Гешовски, прва жртва во распадот на Југославија

Дваесет и девет години од загинувањето на војникот Сашко Гешовски, прва жртва во распадот на Југославија

Кавадарци, 6 мај 2020 (МИА) – Денеска се навршуваат 29 години од загинувањето на војникот Сашко Гешовски од Кавадарци, првата жртва во жестокиот воен судир, што го предизвика распаѓањето на Југославија во 1991 година. Историчарот и хроничар Петре Камчевски потсетува дека младото момче беше припадник на ЈНА, а својот воен рок го служеше во Сплит, С.Р. Хрватска.

– Сашко Гешовски беше роден  во 1972 година. Имаше завршено основно и средно училиште во Кавадарци, а потоа замина на отслужување на воениот рок во ЈНА во Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил младиот кавадарчанец. Во критичниот момент, Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит, вели Камчевски.

На 7 мај 1991 година во Кавадарци во негова чест се одржа голем протестен митинг на кој учествуваше речиси целото население од градот и околните места, за да се изрази револт и тага за смртта на својот сограѓанин.

– На неговиот погреб присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на Југославија, а во Кавадарци беше прогласена и тридневна жалост. Во воениот конфликт во 1991 година загинаа уште тројца кавадарчани, додаде Камчевски. свд/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор