Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на претстојната лидерска средба ќе побара одржување избори во најкус можен рок ако тоа го дозволува состојбата со коронавирусот, додека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и натаму останува на ставот дека изборите сега не се приоритет. Тој очекува на лидерската да се разговара, пред се, за актуелната состојба, за здравствената и економската криза, но не ја исклучува можноста дека ќе стане збор и за изборите, како и за прашањето за македонскиот јазик и за Гоце Делчев што го наметнаа некои од бугарските политичари.
Мицкоски вечерва изјави дека лидерската средба кај Пендаровски ќе се одржи на 12 мај. Заев нема таква информација. Тој е информиран за евентуално одржување на средбата на 10 мај.
-Прво ќе побараме да се слушнат сериозните аргументи на здравствените институции. Тоа е најважно. Нема да дебатираме со претседателот на државата дали ќе има трета вонредна состојба или не. Оставаме на институциите да кажат. Но, не може Владата да не побара вонредна состојба ако тимот на министерот Филипче, здравствениот комитет, кажат дека треба да има. Ако е ваков трендот, на опаѓање на кривата на коронавирусот, ќе побараме веднаш да одиме на избори, рече Заев во гостувањето на емисијата „Отворено Студио“ на Телевизија 24.
Мицкоски не сакаше да коментира дали треба да има продолжување на вонредната состојба, бидејќи, како што рече, ги немал сите параметри. Повтори дека сега не е време за избори, туку за справување на последиците од коронавирусот и во здравствена, но и во економска смисла.
-Ако теоретски, вонредната состојба заврши на средината на мај, тогаш во првата половина на јули најбрзо од денеска би можеле да се создадат услови за изборно соочување, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. мч/сст/