Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Кога и да се одржат избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи

Мицкоски: Кога и да се одржат избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи

Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски ќе се одржи на 12 мај, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето на емисијата „Отворено Студио“ на Телевизија 24. Тој останува на ставот дека сега не е време за избори, туку за справување на последиците со пандемијата од коронавирусот и во здравствена, но и во економска смисла, иако, како што вели, нема дилема дека кога и да се одржат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.

-Јас немам дилема дека кога и да се случат изборите, ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ. Ќе го победи убедливо и тука немам никава дилема, ниту како човек ниту како лидер, и тоа со разлика од најмалку двоцифрен број пратеници, рече Мицкоски.

Не треба да има сега избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сега сме во епидемија односно пандемија, во која на дневна основа се бројат луѓе кои се заразени и луѓе кои го губат животот. Не е во ред, потенцира тој, во ек на кампања, да се бројат новозаразени и евентуално починати лица.

Дополнително, според Мицкоски, проблем е како ќе се одвива денот на изборите односно колку тој би претставувал можност за повторен раст на бројот на заразени. Исто така, вели лидерот на партијата, на избори не може да се оди со програма направена во јануари, кога немало пандемија.

-Врз основа на кои параметри вие ќе составите програма сега и ќе ја претставиме пред граѓаните. Ако таа е правена за април сега се сменети економските текови, начинот на живеење, сега ќе треба да се подготви нова програма со нови капитални проекти инвестиции, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, најбрзо што можат да се создадат услови за избори е средината на јули, со оглед на тоа што и ако теоретски не се продолжи вонредната состојба, која истекува во средината на мај, на ДИК и се потребни најмалку 50-до 60 денови за подготовка. Прашан кој е најпогоден момент за избори, тој рече дека тоа би било период во кој ќе нема опасност по здравјето на граѓаните, кога економијата ќе застане на нозе и ќе има услови за фер избори.

Тој на лидерската средба што треба да се одржи наредната недела очекува да се разговара пред се за актуелната состојба, за здравствената и економската криза, но како што вели, не исклучува да се разговара и за изборите. Тој не сакаше да коментира дали треба да има продолжување на вонредната состојба, бидејќи, како што вели, ги немал сите параметри.

Партијата, потенцира Мицкоски, останува на ставот дека повторното свикување на Собранието би било неуставно, додавајќи, дека тој став е изграден врз основа на консултации со лица кои, како што рече, го посветиле животот на Уставот. -Собранието е распуштено, пратениците го вратија мандатот на граѓаните, рече Мицкоски.

Во врска со тоа каква одлука очекува од Уставниот суд кој треба да расправа по иницијатива за уставност на Одлуката за распуштање на Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе почека одлуката да биде донесена пред да изнесе било каков став. Сепак, рече, треба да се има предвид дека еднаш до Судот била доставена иста таква иницијатива и таа не била ставена на дневен ред. сст/бак/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Во Собранието пратенички прашања – 24info.mk

Претседателката Сиљановска Давкова во официјална посета на Црна Гора

Владиката Тимотеј денеска ќе биде погребан на Плаошник во Охрид