Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Се менува старата столарија на објектот „Расадник“, кој е во рамки на градинката „8 Март“ во Општина Кисела Вода. Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски заедно со претседателот на Советот Дарио Шимиќ и директорката на ЈДГ „8 Март“, Павлинка Топузоска извршија увид во работните активности на објектот „Расадник“.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, за замената на дотраената надворешна столарија во објектот „Расадник“, кој е во рамки на ЈДГ „8 Март“, Општината аплицираше на повикот на Владата за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година – енергетска ефикасност. За целосната обнова на прозорците и вратите преку Владата обезбедни се финансиски средства во износ од 1.600.000 денари.
Изминатиов период, Општина Кисела Вода реализираше многу проекти за подобрување на условите за децата во градинките и училиштата. Неодамна, целосна обнова беше извршена во градинката „Мимоза“, лоцирана спроти ТЦ „Шампионче“. Во објектот „Мимоза“ во надлежност на ЈДГ „Весели цветови“, со грант средства од 4,7 милиони денари од Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка, извршена е целосна енергетска обнова, поставена е нова фасада со термичка изолација, заменети се прозорците и надворешните врати и олуци. Во внатрешниот дел од градинката поставена е нова плафонска изолација. Со ова обезбедени се потопли простории за вработените и дечињата кои поголемиот дел од денот го поминуваат во градинката. мд/дма/