До крајот на неделава ќе бидат готови сите протоколи за функционирање на објектите. Нема сѐ и нема веднаш да започне со работа, но едно е сигурно – имаме ново свето тројство: носење маска, одржување дистанца и задолжителна дезинфекција на раце, рече министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција.
Животот постепено ќе започне да се враќа во нормала, но ќе бидеме внимателни, додаде тој.
– Градинките мора да се во функција кога сите ќе се вратат на работа. Тие ќе работат по посебен протокол. Свесни сме дека е тоа голем предизвик, децата се во ризик да бидат трансмисија на болеста и знаеме дека многу тешко таму некои правила можат да се одржуваат. Протоколи за однесување ќе има и за сите организации што држат курсеви. Сакам да кажам и дека во овие два месеци ниедна одлука не беше донесена заради политички интерес или под политички протисок. Комисијата за заразни болести ќе препорача дали и кога би имало услови за безбедно одржување на изборите. Кога и да се одржат, тие ќе се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме каква било организација која ќе го загрози успешното менаџиерање на оваа здравствена криза – рече министерот.
Од 235 заболени здравствени работници, досега 184 се оздравени и голем дел од нив се веќе вратени на своите работни места. Таму каде што работата беше успорена, сега одделенијата се целосно во функција.
– Утре ќе имаме состанок со директорите на клиниките, за постепено враќање на работата на клиниките во нормала, закажувањето на прегледи и снимања за да се избегнат гужвите како на рентген институтот така и на другите каде има дијагностички апарати. Се отвораат два нови влеза, после 50 години директно во Ургентен центар и уште еден кај Инфективната клиника каде што е поставена и мобилната болница – додаде Филипче.
Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје прават план за скрининг на лица, за кои се смета дека се во критични категории со оглед на слободниот капацитет кој сега го има во лабораториите.