Скопје, 4 мај 2020 (МИА) – Од регистрирани 1.511 случаи на заболени со коронавирус, излекувани се 945 лица. Од Министерството за здравство истакнаа дека кривата на оздравени пациенти од Ковид-19 стрмно расте. Од почетокот на состојбата со пандемијата во земјава досега починаа 84 лица, а во моментов се активни 482 случаи. Досега во земјата се направени 17.246 тестови за Ковид-19. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи порача дека е време со паметна комбинација на меки мерки да се заменат полицискиот час и затворањето на бизнисите.
Од Министерството за здравство истакнаа дека согласно последните трендови во однос на заболените и излекуваните од коронавирус бројките се исклучително охрабрувачки.
– Бројот на пациенти кои имаат индикација за тест исто така значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови. Според информациите од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така значително намалени. Времето на чекање за тестирање исто така е сведено на минимум, односно еден ден, посочија од МЗ.
Министерството информираше дека продолжува активно да тестира согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следи состојбата се до целосно спласнување на епидемијата.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека е поставен системот со модулите во модуларната маневарска болница до Инфективната клиника. За најкраток временски рок, како што појасни, дуплирани се капациентите на установата.
– Го поставивме системот со модулите во модуларната маневарска болница до Инфективната клиника. За најкраток временски рок ги дуплиравме капациентите на установата. Со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада набавивме и поставивме „монтажни модули“, каде се сместени простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци, наведе Филипче.
Тој појасни дека целата оваа структура е поврзана со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе се доопреми и со потребната немедицинска опрема.
– Ја амортизираме евентуалната оптеретеност на Клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од коронавирус, истакна министерот.
Османи изјави дека сега е моментот да се разгледа можноста соодветната комбинација на меки мерки во справувањето со епидемијата на Ковид-19 да биде замена за сегашниот полициски час и затворањето на бизнисите.
– Време е со паметна комбинација на меки мерки да ги замениме полицискиот час и затварањето на бизнисите, истакна Османи при што уште еднаш посочи на задолжителното носење на маски и физичкото дистанцирање како меки мерки кои би го замениле полицискиот час.
Благо намалување бележи и поддршката за министерот за здравство Филипче од чија работа како задоволни се изјасниле 78,3 отсто од анкетираните, што е помалку во однос на оние 80 отсто, кои кои беа регистрирани во мартовската анкета.
Кога станува збор за граѓаните кои не се задоволни од работата на министерот Филипче, нивниот број од 11 отсто во март, пораснал на 15,2 отсто во април. 71,2 отсто од анкетираните велат дека се задоволни од работата на надлежните во однос на кризата со корона вирусот, додека 22,2 отсто велат дека не се.
Во однос на претходно истражување на јавното мислење во март, задоволството на граѓаните од работата на надлежните паднало за 8 процентни поени за месец дена, а за 8,2 процентни поени пораснало незадоволството во истиот период.
Резултатите покажуваат дека 77,2 од анкетираните сметаат дека мерките кои ги преземаат надлежните го спречуваат ширењето на вирусот, додека 17,9 отсто не се убедени во тоа.
Помалку од половина од анкетираните сметаат дека македонското здравство има ресурси за да се справи со кризата. Ваков став делат 41.2 отсто од анкетираните, додека 35,2 проценти се убедени во спротивното.
Повеќе од една третина од анкетираните очекуваат нормализација на состојбата до крајот на мај. Ваков став имаат 36,6 проценти од анкетираните, 18,3 отсто очекуваат нормализација до крајот на јуни, а 12,1 проценти до крајот на месец април. 7,2 отсто од анкетираните сметаат дека нормализација ќе имаме дури во септември, 5,1 отсто до крајот на годината, а 1,3 проценти следната година .
Граѓаните и натаму најмногу стравуваат од економската криза предизвикана од корона вирусот. Ваков став имаат 33,5 отсто од анкетираните, што е благо намалување во однос на оние 38,8 отсто кои економската криза ги загрижуваше најмногу во мартовската анкета. см/ац/