Утрински Весник
Македонија

Метаморфозис: Најголема закана се дезинформациите околу Ковид 19

„Метаморфозис“: Приватноста не смее да биде луксуз кој се нуди само на оние кои можат да си го дозволат

Скопје, 3 мај 2020 (МИА) – Оваа година се справуваме со ширењето на Ковид 19 пандемијата и во овој момент од уште покритично значење е пристапот до кредибилно известување и информации, порачува фондацијата „Метаморфозис“ по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите.

– Фондацијата Метаморфозис им се заблагодарува на сите колеги новинари, пријатели, партнери и донатори за нивната поддршка во заштитата на медиумските слободи и во обезбедувањето на отворен, безбеден и еднаков пристап до информации на кои може да им се верува и он-лајн и оф-лајн во овие критични времиња, се вели во соопштението.

Осврнувајќи се на пораката од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој повикува на поголема заштита на новинарите, нагласувајќи дека тие обезбедуваат противотров за пандемијата од дезинформации, од „Метаморфозис“ оценуваат дека и земјава не е имуна на ваквите случувања и оти напливот на дезинформации поврзани со Ковид 19 е висок во медиумите и на социјалните мрежи.

Фондацијата смета дека престои уште многу работа во медиумскиот простор во земјава, иако според најновиот извештај на „Репортери без граници“ имаме скок од 118 на 92 место.

Како проблеми кои ги посочува Метаморфозис се немањето стратегија за медиумскиот сектор, немањето доволно политичка волја кај сите политички чинители за да се дистанциираат целосно од влијанието врз уредничката политика на медиумите, како и неспроведувањето на реформи во јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ , во рамки на своите заложби за слободни, независни и професионални медиуми, смета дека директното доделување на јавни средства ги става медиумите во позиција која води кон подривање на уредувачката независност и медиумската слобода, кон нарушување на интегритетот и зголемено политичко влијание. Државната финансиска помош за медиумите не треба да се врши преку директно доделување средства, туку помошта треба да се доделува преку други начини, како што е намалување на даночните стапки и ослободување од давачки при вработување за новинари и да биде наменета само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми, се наведува во соопштението. бак/ац/


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава