Скопје, 2 мај 2020 (МИА) – На 01.05.2020 во 20.05 часот во СВР Штип било пријавено дека во Штип, на место викано „Шардаван“, по претходна меѓусебна расправија, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка помеѓу Е.С.(29), А.К.(25), Р.Х.(23), од една страна, и Е.К.(31) и Д.Џ.(30), од друга страна, сите од Штип. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 01.05.2020 во 20.30 часот на раскрсницата од ул.„Славка Динкова“ со ул.„Јустинијан Први“, за време на забраната за движење, Д.Р.(30) од Скопје се однесувал агресивно кон полициски службеници, кои преземале службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал еден полициски службеник. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следат соодветни поднесоци.
На 01.05.2020 во 12.35 часот било пријавено дека во Прилеп, во руинирана куќа на ул.„Кузман Јосифовски-Питу“, бил пронајден починат И.С.(36) од Велес. Од страна на лекар била констатирана смрт, без траги на насилство. Извршен бил увид на местото на настанот од Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Прилеп. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.
На 01.05.2020 во 17.25 часот во СВР Тетово од Ургентниот центар Гостивар било пријавено дека кај нив бил донесен повреден од огнено оружје Н.А.(19) од Гостивар. Од полициски службеници било излезено на местото на настанот и бил извршен разговор со Ѓ.Т.(21) од Гостивар, според кој околу 17.00 часот во с.Сретково, додека Ѓ.Т. и Н.А. се движеле, Н.А. во еден момент почувствувал болка од десната страна и забележал дека е повреден. Во врска со настанот биле приведени Ѓ.Т., М.Х.(22), Ф.И.(20) и М.Т.(20), сите од Гостивар, а од Ѓ.Т. била одземена воздушна пушка „гамо“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 01.05.2020 во 23.00 часот било пријавено дека во с.Средно Коњари, скопско, И.К.(19), по претходна расправија, бил нападнат со тврд предмет од Б.Ц., двајцата од с.Средно Коњари, при што се здобил со тешка телесна повреда. Се работи на целосно расчистување на случајот.
На 01.05.2020 во 08.20 часот во Полициската станица Кавадарци од ЈЗУ Општа болница Кавадарци било пријавено дека кај нив бил донесен Р.О.(49) од Кавадарци, кој додека вршел работни задачи во фабрика, паднал и се здобил со тешка телесна повреда. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кавадарци.
На 01.05.2020 во 14.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека додека се вршелo ископ на земја во кругот на Зоолошката градина во Скопје, била пронајдена експлозивна направа. Известена била Единицата за антитероризам, а од стручно лице од Дирекцијата за заштита и спасување експлозивната направа биле подигната за понатамошна постапка.
На 01.05.2020 во 16.30 часот во Полициското одделение Велешта С.Д.(36) од с.Лабуништа, струшко, пријавил дека додека бил на работно место во кругот на здравствена установа во с.Лабуништа, по претходна расправија, бил физички нападнат од С.Б.(37) и Е.Б. од с.Лабуништа. Се работи на целосно расчистување на случајот.бт/