Скопје, 1 мај 2020 (МИА) – Синдикати и здруженија на граѓани денеска упатија првомајски проглас во кој бараат преземање на мерки кои ќе ги заштитат работниците.
Бараат да не се дава финансиска поддршка на фирми кои ќе отпуштаат работници за време на кризата, да се донесе уредба со која платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20 проценти и паричен надоместок да земаат и лица на кои им престанал работниот однос спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.
Во прогласот се бара и заштита на пекарските работници, односно и за нив да биде обезбедена финансиска помош од 14.500 денари, како и да се забрани пресметување на камати во време на криза.
Дел од барањата на синдиактите се и воведување на прогресивен данок на добивка, со стапка од 20 прценти на добивката која надминува еден милион евра и прогресивен данок на личен доход со стапка од 20 проценти за доход над 1.500 евра и 30 проценти за доход над 2.500 евра. Бараат да се воведе и данок од 30 процетни на исплатените дивиденди и да се поништи покачувањето на акцизите.
Синдикатите апелираат да престане анимозитетот кон јавниот сектор и квалификувањето на вработените во овој сектор како неработници, а од Владата да му помогне на претседателот на државата најитно да најде начин да продолжи со работа Собранието.
Синдикатите и здруженијата на граѓани бараат да бидат консултирани при подготовката на мерките кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.
– Работничките и работниците не молчат ниту во време на пандемија. И со маски, ќе бидеме гласни, се вели во заедничкиот првомајски проглас на дел од синдикатите и здруженијата на граѓани за заштита на работничките права. бак/