Утрински Весник
Економија

МОТ: Се чини дека никој не знае какво ќе биде новото „нормално“

МОТ: Се чини дека никој не знае какво ќе биде новото „нормално“

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Во овие времиња на Ковид-19, најголемиот предизвик за повеќето е како да се заштитиме себеси и нашите семејства од вирусот и како да ги зачуваме нашите работни места. За креаторите на политиките ова значи да се победи пандемијата без притоа да се направи неповратна штета врз економијата.

Како што се наведува во колумната на генералниот директор на Меѓународната организација на трудот (МОТ), со повеќе од три милиони случаи и околу 217 илјади жртви на вирусот досега на глобално ниво, и со очекуваните загуби во работните часови, до половината на годината, што се еквивалентни на 305 милиони работни места во светски рамки, влогот никогаш не бил повисок.

– Владите продолжуваат „да ја следат науката“ во потрагата по најдобрите решенија, истовремено занемарувајќи ги очигледните придобивки од поголемата меѓународна соработка во креирањето на потребниот глобален одговор на овој глобален предизвик. Но, војната против Ковид-19 допрва треба да се извојува, а во меѓувреме стана општоприфатено мислењето дека она што нè очекува по победата е „новото нормално“ во смисла на начинот на кој ќе биде организирано општеството и начинот на којшто ќе работиме, стои во колумната.

Ова, се наведува, и не е баш утешително, затоа што се чини дека никој не знае да каже какво ќе биде новото нормално.

– Затоа што се испраќа пораката дека тоа ќе биде пропишано од ограничувањата што се наметнати од пандемијата наместо од нашите избори и склоности. И затоа што ова сме го слушнале и порано. Мантрата што беше музиката за расположение во крахот од 2008-2009 година гласеше дека штом ќе се пронајде и примени вакцината за вирусот на финансискиот испад, глобалната економија ќе стане побезбедна, поправична, поодржлива. Тоа, сепак, не се случи. Старото нормално беше вратено со сета сила, и оние од пониските ешалони на пазарот на трудот се најдоа уште поназад, се вели во колумната.

Оттаму, посочува генералниот директор на МОТ, 1 Мај, меѓународниот ден на трудот, е вистинската пригода за повнимателно разгледување на ова ново нормално и за започнување на работите како тоа да се направи подобро нормално, не толку за оние што веќе имаат многу, туку за оние што толку очигледно имаат премалку.

Тој во колумната посочува дека пандемијата ги соголи, како што вели, на најсуровиот можен начин, исклучителната неизвесност на егзистенцијата и неправдите во нашиот свет на работата.

– Токму десеткувањето на егзистенцијата во неформалната економија – во која шест од десет работници заработуваат за живот – беше тоа што ги поттикна предупредувањата од нашите колеги од Светската програма за храна за претстојната пандемија на глад. Токму длабоките дупки во системите за социјална заштита дури и во најбогатите земји се тие што оставија милиони луѓе во ситуација на сиромаштија. Токму неуспехот да се гарантира безбедноста при работа е она што осудува на смрт речиси три милиони луѓе секоја година поради работата што ја вршат. Дел од ова е и неконтролираната динамика на растечката нееднаквост, што значи дека иако, во медицинскиот жаргон, вирусот не дискриминира меѓу своите жртви во своето социјално и економско влијание, тој сепак дискриминира брутално против најсиромашните и беспомошните, се наведува во колумната.

Генералниот директор на МОТ посочува дека се надева оти на денот на трудот следната година акутната криза на Ковид-19 ќе биде зад нас. Но, пред нас, додава, ќе ја имаме задачата за градење иден свет на работата што се справува со неправдите што беа изнесени на виделина од пандемијата, заедно со трајните и веќе неодложните предизвици на климатската, дигиталната и демографската транзиција.

– Ова е тоа што го дефинира подоброто нормално што треба да биде трајното завештание од глобалната здравствена вонредна состојба од 2020 година, се додава во колумната. мс/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен