Утрински Весник
Македонија
Img 7972

Короната го урна ависообраќајот – за два месеца „изгубени“ 300.000 патници (инфографик)

Короната го урна ависообраќајот – за два месеца „изгубени“ 300.000 патници (инфографик)
Img 7972

Затворањето на македонските аеродроми заради спречување на ширењето на корона вирусот веќе предизвика значајни штети во авиосообраќајот во земјава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека низ двата аеродрома во првиот квартал од годинава минале 429.869 патници, односно за над 50.000 помалку во споредба со идентичниот период лани. Бројот на патници во првите три месеци од годинава е намален за 10,5 отсто во однос на 2019 година, а со тоа е прекинат и неколкугодишниот континуиран развој на авиосообраќајот во земјава.

Причина за опаѓање на бројот на патници е затворањето на аеродромите на 18 март, откако владата ја донесе ваквата одлука за да се спречи внесувањето и ширењето на корона вирусот во земјава.

Како што одминува времето, стрмоглавиот пад на авиосообраќајот ќе продолжи. Статистичките податоци покажуваат дека македонските аеродроми само во април ќе изгубат над 210.000 патници, ако се има предвид фактот дека толкав број на патници го користеле воздухопловниот превоз во април 2019 година.

Од владата засега нема информација кога ќе се дозволи отворање на двата аеродрома и отпочнување со редовна работа на авиокомпаниите. Најава за разлабавување на превентивните мерки има за периодот по првомајските празници.

Уште една негативна вест за авиосообраќајот во земјава е почетокот на откажувањата на летовите што беа закажани за одржување претстојново лето. Планираните летови Измир – Скопје – Измир се веќе откажани, додека првиот сезонски лет на релацијата Брисел – Охрид – Брисел засега е пролонгиран за 13 јуни. Возниот ред на летање за претстојната летна сезона сѐ уште не е објавен на веб-страницата на Меѓународниот аеродром Скопје, така што засега не се знае дали некоја друга авиокомпанија планира да ја намали фреквенцијата на летање.

Единствена извесна последица од епидемијата на корона вирусот е дека земјава годинава не може да смета на достигнување на историски рекорден број на превезени патници во авиосообраќајот. Во воздухопловниот превоз лани беа регистрирани 2.666.774 патници на двата аеродроми, што претставува најголем број на превезени патници во историјата на македонското воздухопловство.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Поведена истрага во Виница за тешка телесна повреда на едно лице

ДУИ: Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство

Тешка сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип – Кочани