Утрински Весник
Економија

Новините за субвенционирање на плати се за бенефит и на работниците и на работодавачите, порачува Ангеловска

Новините за субвенционирање на плати се за бенефит и на работниците и на работодавачите, порачува Ангеловска

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Се работи за добро осмислени промени во мерката за субвенционирање на плати во стопанството кои ќе дадат бенефит и за работниците и за работодавачите, порача денеска министерката за финансии Нина Ангеловска

По денешната средба со претставници на најпогодените сектори – туризмот и угостителството, министерката Ангеловска рече дека се разрешени сите дилеми и отворени прашања во врска со оваа мерка.

Туризмот, угостителството и транспортот се секторите кои ќе може да ја комбинираат оваа мерка за субвенционирање на плати за вработените со онаа за субвенционирање на 50 проценти од придонесите.

– За сите компании од овие три сектори кои работеле со позитива, односно не оствариле загуба во претходните две години, не се должници на листата на УЈП и немаат кредити над 90 дена доспеани, може да ги комбинираат овие две мерки, изјави Ангеловска.

За олабавувањето на условите за задржување на бројот на вработени за кој имаше најмногу реакции од синдикатите, Ангеловска појасни дека финансиска поддршка нема да можат да користат компании кои отпуштиле над 5, 10 и 15 проценти од вработените зависно од големината на компанијата.

– Се земаат предвид вработените на неопределено и на определено време, односно сите вработени кои компанијата ги има, рече Ангеловска, додавајќи дека доколку компаниите не ја користат мерката, тоа може негативно да влијае врз затворањето на работните места.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека како Влада ќе продолжат да бидат флексибилни и да го слушаат гласот на бизнис секторот при креирањето на мерките со цел да им се овозможи на компаниите полесно да го пребродат кризниот период.

– Ги следиме сите случувања во секторот туризмот имајќи предвид дека тој е еден од најважните сектори  во однос на девизниот прилив и директниот ефект кој го има врз економијата. Претходните години имавме одлични резултати во овој сектор и должни сме со сите засегнати страни да работиме што полесно да ја пребродат оваа кризна состојба, изјави Бектеши.

Хотелиерите и угостителите се надеваат дека наскоро ќе започнат со работа со цел да ги покријат основните трошоци.

– За жал, не може да предвидиме кога ќе се отворат хотелите, но се надеваме дека тоа ќе биде набрзо. Ќе се навикнеме на еден нов живот и на нови мерки кои очекуваме наскоро да бидат донесени. Се надеваме дека ќе имаме малку поинаква сезона во која ќе можеме да испливаме и да изработиме нови планови за 2021 година, изјави Крсте Блажевски од ХОТАМ.

Блажевски ги негираше информациите дека се отпуштаат вработени во туризмот. Како што рече, не се отпуштаат оние кои се постојано вработени, туку најверојатно станува збор за сезонски работници. бак/лв/

Изјави на министрите за финансии и за економија и угостителско туристички сектор

Posted by MИА.mk on Четврток, 30 април 2020

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk