Скопје 30 април 2020
Истрага и одговорност за 120 милиони евра мора да има. Буџетот исцицан, а државата колабира
Дебаклот на економските политики на власта на Заев сега излегуваат на виделина. Епидемијата со корона вирусот само ја влошува и онака лошата состојба со буџетот. Се потврдија нашите стравови дека власта на Заев неодговорно се однесува со парите на народот и се подготвувала за изборна корупција која сега скапо ќе ја плаќаме. Потрошен е во првите 3 месеци речиси 43% од планираниот дефицит на годишно ниво, а ништо не е изградено, што значи дека власта во огромен дел парите ги потрошила ненаменски за предизборни цели.
Само за споредба во изминатите три години за истиот период дефицитот бил реализиран во просек 18%, а оваа година тој е 43%. Патем и покрај безмилосното трошење на буџетот реализацијата на капиталните инвестиции за првото тромесечие изнесува само 8,45%, што значи тие пари не биле трошени за патишта и инфраструктура, туку за партиски вработувања и ставка други трошоци.
Од почетокот на годината потрошени се 120 милиони евра повеќе отколку што се прибрани, а добар дел од таа разлика е направена во време кога се уште немаше никакви импликации од епидемијата со корона вирус. Ова значи дека секое семејство за само 3 месеци од 2020 година е задолжено за нови 250 евра. Само во март месец дупката изнесува 50 милиони евра, а крајните прогнози на ММФ се дека годинава, поради неспособноста на оваа власт и ненавремените мерки, ќе ја завршиме со пад на БДП од 4%. Дупката во буџетот ако се превземаат други неодговорни чекори може да порасне и до 1,3 милијарди евра, што значи дека оваа година ќе биде година на економски крах.
Дека власта предоцна и премалку превзема мерки за спас на економијата говори и фактот што уште на почетокот на месец март, кога ВМРО-ДПМНЕ алармираше и предлагаше конкретни мерки, економскиот тим на владата испланира само 5 милиони евра за поддршка на стопанството.
Затоа илјадници работници се отпуштени, а уште толку стравуваат дека ќе го изгубат своето работно место. Мерките на владата се недоволни и огромен број од стопанските субјекти може да стават клуч на врата.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
______________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки