Утрински Весник
Македонија

Светска банка со поддршка од 140 милиони евра и нов проект за брзо дејствување против Ковид-19

Светска банка со поддршка од 140 милиони евра и нов проект за брзо дејствување против Ковид-19

Скопје, 30 април 2020 (МИА) – Поддршката од Светска банка за Република Северна Македонија за справување со последиците од Ковид -19 кризата, ќе изнесува околу 140 милиони евра. Дел од средствата ќе се наменат за нов проект за брзо дејствување против Ковид-19 во износ од околу 90 милиони евра, а останатите 50 милиони евра за мерката за „финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен“ за работодавачи и самостојни вршители на дејност.

За ова беше дискутираново рамки на виртуелните Пролетни средби на ММФ и Светска банка, на состанокот на потпретседателот за Европа и Централна Азија на Светска банка Сирил Милер со вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерката за економија Мила Царовска, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Нина Ангеловска, соопшти Министерството за финансии.

На состанокот учествуваше и наследничката на Милер, Ана Бјерд, која од 1 мај ќе ја преземе неговата функција, по завршување на неговиот мандат.

Во дискусијата, детално беа презентирани ефектите од глобалната коронакриза врз мкедонската економија, а беа разгледани и економските мерки за справување со шокот од пандемијата. Од Светската банка ги оценуваат како позитивни, навремени и таргетирани мерките што во рамки на своите надлежности ги преземаат Владата и Народната банка.

Акцент беше ставен и на стабилноста на финансискиот систем, при што и овојпат е нагласено дека тоа мора и натаму да биде приоритет. Во тој контекст, одделно се разговараше за активностите и мерките на Народната банка што се однесуваат на стабилноста на банкарскиот систем, која е клучна за одржување и јакнење на севкупната финансиска стабилност. Досега преземените мерки се сметаат за дополнителна гаранција дека стабилноста ќе биде одржана, а особено важно е и што системот има капацитет да се справи со шокот, што се должи и на прудентната регулатива, во голема мера усогласена и со европските регулативи.  

Соодветниот одговор на носителите на политиките во однос на предизвиците што ги задава корона-кризата се значаен сигнал за поддршката којашто Светската банка ја дава за Северна Македонија. Со 50 милиони евра од Светска банка, ќе се поддржи мерката со која ќе се даде финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плати во април и во мај. Аплицирањето за оваа мерка започнува од почетокот на мај. Освен финансиски, Светска банка учествуваше и советодавно во мерката, а препораките кои се базираа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислења собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија, беа вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата.

Новиот проект за брзо дејствување против последиците од Ковид-19 кризата, во износ од 90 милиони евра се состои од две компоненти. Првата компонента за итен одговор, се однесува на зајакнување на здравствените капацитети со обезбедување на зголемување на капцитети за тестирање, техничка експертиза, лабораториска опрема, заштитна опрема, медицински помошни материјали и опрема, реновирање на здравствени установи, развој на системи за да се обезбеди навремено откривање на случаи и следење на контакт, во согласност со упатствата на Светската здравствена организација, како и финансирање на придонесот за здравствено осигурување за ранливи корисници. Втората компонента за поддршка на домаќинствата  се однесува на обезбедување на поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од Ковид -19 и паричен надомест за оние кои ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

На средбата беа разгледани и проекциите од последниот Регионален економски извештај на Светска банка, согласно кој се предвидува забавување на економиите на Западен Балкан меѓу -3 и -5,6%. Според Светска банка, Северна Македонија ќе има најмало забавување на економијата помеѓу -1,4% и -3,2%, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.са/лв/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме