Дебар, 29 април 2020 (МИА) – Претседателот на Советот на општина Дебар, Башким Машкули денеска упати апел до корисниците да ги платат сметките за потрошена вода и подигнат смет на Јавното комунално претпријатие „Стандард“.
Тој на денешната седница на Советот на општината, посочи дека е разочаран што домаќинствата и правните субјекти не ги плаќаат сметките, како што рече, посебно последните два месеца кога наплата е само три отсто.
-Вработените во ЈКП„Стандард“, заедно со здравствените работници и пожарникарите беа на првата борбена линија против ширењето на коронавирусот. Работеа без прекин, а прашање е дали ќе може да ја добијат платата. Корисниците мора да ги подмират сметките.Тие се грижат за нашето здравје и одржување на чиста животна средина и неблагодарно е да се однесуваме на овој начин, рече Машкули.
Дебарските комуналци, додаде, редовно, секојдневно го подигаат сметот, се грижат во најкус можен рок да отстранат дефект за да снабдувањето со вода биде нормално, беа вклучени заедно со пожарникарите и во дезинфекција на градот и населените места, а редовно ги мијат и улиците со чиста вода и детергент за таа цел.
Членовите на Советот, почитувајќи ги препораките за носење заштитна маска и одржување социјална дистанца, на денешната прва седница по два месеца, разгледаа повеќе прашања од нивна надлежност. Беше разгледан и усвоен заклучокот за извршување на буџетот на општината во првиот квартал од годинава, кој е реализиран со над 27 отсто од планираниот на годишно ниво. Беа донесени и неколку одлуки од областа на урбанизмот, меѓу кои и програмата за изработка на урбанистички планови и урбанистичка документација на територијата на општината за годинава. вт/рп/