Утрински Весник
Македонија

Пендаровски во видео разговор со директорот Институтот во Козле изрази поддршка и благодарност за грижата за најмалите

Пендаровски во видео разговор со директорот Институтот во Козле изрази поддршка и благодарност за грижата за најмалите

Скопје, 29 април 2020 (МИА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски преку видео врска денеска разговараше со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, при што искажа поддршка и благодарност за досегашниот несебичен ангажман на д-р Андоновски како директор на Институтот Козле, но и на сите вработени во оваа здравствена установа, во услови на корона-криза.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, во разговорот д-р Андоновски го информираше претседателот Пендаровски за начинот на функционирање на болницата, којашто од самиот почеток на пандемијата на вирусот КОВИД 19, е здравствената установа каде се лекуваат децата кои се сомнителни или пак боледуваат од вирусот, како и деца со висока температура и белодробни проблеми.

Андоновски појасни дека покрај редовните пациенти, во рамки на болницата функционира посебно КОВИД одделение и Институтот претставува КОВИД 2 центар.

Досега, како што посочи д-р Андоновски во разговорот, во болницата се тестирани повеќе од 50 деца. Од нив четири биле позитивни на вирусот. Најмалите дијагностицирани деца биле на возраст од 4 месеци, а најголемото на возраст од 15 години. Во моментов како што рече д-р Андоновски, во болницата во Козле се хоспитализирани три деца кои се сомнителни на вирусот, меѓу кои е и бебе родено пред 16 дена. Според д-р Андоновски децата коишто заболуваат од вирусот, имаат лесни симптоми и поминуваат без никакви компликации. Ова, како што истакна д-р Андоновски, во најголема мера е резултат на физичката дистанцираност, односно децата седат дома со своите родители и не посетуваат градинка или училиште.

Институтот за белодробни болести во Козле, според директорот Андоновски, и сега во овие вонредни околности, функционира без проблеми и има доволно медицински и немедицински кадар. Меѓу вработените досега нема лица заболени од вирусот КОВИД 19.

Најпрво Ви посакувам да останете живи и здрави сите вие персоналот во Институтот. Да помагате. Огромна благодарност во име на сите граѓани затоа што им помагате на нашите најмили и најмали. И посакувам во иднина да немате многу работа по овој основ. Имате полна поддршка Вие и целиот персонал во болницата. Навистина Ви честитам за извонредните напори во изминатите два месеци, истакна претседателот Пендаровски во денешниот видео разговор со д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле. нд/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?