Утрински Весник
Македонија

Активни 761 случај на заболени со корона вирус, израмнета е кривата на епидемијата, но мерките мора задолжително да се почитуваат

Владата препорачува инсталирање на „Стоп Корона!“, а од МИОА побара протокол во набавка да оди еден член од семејството

Скопје, 28 април 2020 (МИА) – Во моментов се активни 761 случај на заболени со коровирус, оздравени се 589 лица, а починати 71. Од почетокот на коронакризата, досега се регистрирани 1.421 заболени, а во земјава направени се вкупно 15.771 тестирања на Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека со досегашните преземени мерки израмнета е кривата на епидемијата, апелирајќи дека сегашните рестрикции задолжително мора да се почитуваат.

– Сегашните анализи укажуваат на тоа дека факторот трансмисија на Ковид-19 генерално на целата земја е под еден, меѓутоа правиме детални анализи за одредени региони во земјата и чекаме уште неколку денови да видиме како ќе биде трендот на новодијагностицирани. Со сите мерки досега ја израмнивме кривата на епидемијата, не го оптоваривме здравствениот систем. Имавме линеарен број случаи со коронавирус и секој ден имаме нов број на оздравени, истакна Филипче.

Како што оцени тој, ние сме држава која навреме воведе мерки, навремено се подготви и го стегна здравствениот систем, добро изреагира, има добри резултати и е на добар пат кон тоа да ги димензионира мерките така како што треба, целокупната друга економија да работи, а здравствениот систем паралелно да се соочи со некој друг пик, што заради сите овие мерки би бил уште поблаг.

Во однос на лекувањето, министерот рече дека во светот досега нема една универзална форма на лекување на пациентите заразени со Ковид-19.

– Нема еден универзален пристап во лекувањето, зашто болеста Ковид-19 има многу различни манифестации од најлесна, па дури и гастроентистинални тегоби, преку лесна форма на настинка, средна форма кога е компромитирано сериозно дишењето и најтешка форма кога се пациентите зависни од респираторна машина. Се прават комбинации на лекови заради тоа што страдаат повеќе органи, рече Филипче.

Тоа, посочи, е нешто што го дефинираат лекарите при третманот заради тоа што на дефинирање на терапијата претходат многу анализи како што се крвни анализи, рентгенски слики на бели дробови, ехо снимки…

– Сето тоа се прави секојдневно и бара и секојдневен увид во евентуално додавање, одземање, менување на дозите на различна терапија, рече Филипче и додаде дека досега во светот нема една универзална форма на лекување за овие пациенти.

Министерот апелираше за почитување на мерките и нагласи дека бројките на новозаболени се помали од претходните недели и оти после една недела ќе се види дали ваквиот тренд ќе продолжи по што ќе се осигура дека нема скриен кластер кој ќе се појави.

– Само единствено ако лично секој граѓани се заложи за тоа и даде свој придонес со доследно почитување на мерките,  ние ќе го задржиме овој тренд, ќе ја надминеме оваа состојба и постепено ќе го вратиме нашиот живот во нормала, нагласи Филипче.

Тој потенцираше дека мора задолжително да се носи заштитна маска за лицето, прекривка на устата и носот, така како што е пропишано во затворен простор или на отворено ако не може да се одржи препорачаната дистанца од два метра.

– Сите имаме подеднаква одговорност секој кон себе, но и кон останатите. Не смееме да дозволиме и сега да го доведеме во прашање тоа што досега заедно сите го издржавме и го надминавме, можеби најтешкиот период, најголемиот предизвик, а навистина направивме многу, истакна Филипче.

Тој рече дека се очекува наесен да има повторен пик на коронавирус, бидејќи тој нема да исчезне.

– Тогаш може да биде уште покомплексна ситуацијата, заради тоа што ќе имаме други пациенти со сезонски грип кои ќе ги оптоварат сега истите одделенија што сега ги третираат овие пациенти, бидејќи тие се тие институции кои ги третираат ваквите пациенти. Не само ние, туку и цел свет ќе биде многу поподготвен при следниот пик, истакна Филипче.

Сериозно, посочи министерот, ќе се подготвиме и дополнително во овој период во кој се надеваме дека стивнува епидемијата во смисла на распределба на здравствени работници, капацитети, опрема итн., дека нема да биде, ниту може да биде ваква ситуација, каква што беше на почеток на оваа епидемија кога нормално никој не го очекуваше сето ова.

– Засега не знаеме. Останува само да ги следиме бројките, да правиме анализи и да видиме дали некои други фактори влијаат на ширење на вирусот. Премиерот на Грција го најавува објавувањето на мерките за тоа како ќе работат нивните хотелски капацитети, што може и како да прават во текот на летните месеци, ќе се отворат граници, ќе има патување, рече Филипче и додаде дека е сигурен оти повторно ќе има некакви мерки, согласно состанокот на сите земји – членки од европскиот регион на Светската здравствена организација.

Според него, ниту патувањата ќе бидат исти, ниту густината на седење во превозните средства ќе биде иста. Појасни дека над 60 проценти од земјите во светот имаат воведено рестриктивни мерки и сега тие практично имаат намалување на бројот на заболени пациенти. Значи, нагласи, се свесни дека од такви рестриктивни мерки не се излегува нагло.

– Значи ќе се продолжи со некаква форма на превенција. Единствена заедничка работа после физичката дистанца е носењето на заштитни маски на устата и на носот. Така што, во таа смисла со такви превентивни мерки со соодветна организација и ова што ние кај нас го подготвуваме и ќе бидеме во еден период во кој и потенцијален следен пик може да биде уште поблаг, освен во земјите каде или немаа здравствени системи, капацитети или немаат доволно здравствени институции. СЗО стравува како ќе се одвива епидемијата во земјите во Африка, каде има огромна популација, а многу мал број болници, рече Филипче.см/ац/

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство