Утрински Весник
Македонија

Непроменети ставовите за свикување на распуштениот парламентарен состав

Непроменети ставовите за свикување на распуштениот парламентарен состав

Скопје, 29 април 2020 (МИА) – Нема можност за свикување на распуштениот парламентарен состав. Собранието може да се врати само по следните избори. Ова го е став на претседателот на Парламентот Талат Џафери, кој го изнесе неколку дена по иницијативата на СДСМ за свикување итна седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19 од страна на претседателот на државата, која истекува на 17 мај.

Џафери завчера во изјава за ТВ 21 го изнесе својот став, при што рече дека смета оти секој друг начин освен по избори за заседавање на Собранието е обид за пуч. Тврди дека се вршел притисок врз него за повторно свикување на пратениците и заседавање на Парламентот, но, како што нагласува, „со Собранието е веќе завршено“.

– На 16-ти февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. Собранието ќе се собере по наредните избори, вели собранискиот спикер, коментирајќи ја иницијативата за повторно свикување на законодавниот дом.

Пратениците од СДСМ, пак, вчера напоменаа дека ќе го почитуваат ставот на претседателот на Собранието Талат Џафери за несвикување итна седница за потврдување на одлуките за вонредна состојба поради коронавирусот. Но, бараат одговор на нивното барање, кое е формално доставено до Собранието.

– Како и досега така и од сега, ќе го почитуваме во целост ставот на претседателот на Собранието, но ние сметаме дека како пратеници најмалку што треба да се случи, односно заслужуваме да добиеме одговор од претседателот на Собранието на писменото барање коешто е формално доставено, а не да добиваме одговори преку медиумите, рече на прес-конференција Снежана Калеска Ванчева.

Според неа, легитимното право на пратениците согласно Устав и Деловник на Собранието не може да биде толкувано како пуч.

-Легитимно, демократски и согласно Деловникот и Уставот, ние како пратеници поднесовме иницијатива онака како што налагаат прописите, а тоа е до претседателот на Собранието за свикување на итна седница. Јас можам во овој момент само да кажам дека нашиот став е непроменет и ние имајќи ја предвид целокупната ситуација како пратеници сметаме дека е демократски и апсолутно корисно, Собранието да може да биде свикано да се состане и да ги потврди одлуките за времената состојба и тоа е всушност во насока на демократизација и поделбата на власта и добро е да знаат, добро е за граѓаните, за општеството за државата дека на располагање имаат уште еден механизам за контрола над извршната власт, рече Калеска Ванчева.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, Собранието не може повторно да заседава затоа што е распуштено, а по ова прашање Уставот е јасен.

– Јасни се одредбите во македонскиот Устав, како и позитивните законски акти, така што еднаш распуштено Собрание не може да се врати и да заседава, изјави минатата недела потпретседателот на партијата Александар Николоски, а вчера се огласи и лидерот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека за неговата партија сега не се приоритет предвремените избори, туку надминување на состојбата со коронавирусот.

– Овој состав на Парламентот е поранешен и мандатот на пратениците со неговото распуштање е завршен. Тие го вратија легитимитетот назад, кај граѓаните. Единствен што може да ја наполни салата во Собранието е народот. Не може ниту Зоран Заев, ниту група на пратеници да се обидуваат да го кршат Уставот, рече вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвена да го порази СДСМ.

-Но, одржување предвремени парламентрани избори кога имаме пандемија на Ковид-19 и кога секојдневно се бориме со инифицирани луѓе и жртви, кога се соочуваме со економска, санитарна и образовна криза, па и воопшто кога имаме кризна состојба, не еден од приоритетите. Најпрво да се избориме за здравјето на граѓаните, да ја вратиме економијата на победничките патеки, а потоа можеме да размислуваме за избори, истакна Мицковски, одговорајќи на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите ако тие се одржат на крајот на јуни или на почетокот на јули.

Минатата недела пратениците на СДСМ поддржани со потписите на нивни колеги од НСДП, ЛДП, Алијансата на Албанците, ДПА, Беса, Алтернатива и пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесоа барање за свикување итна седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19 од страна на претседателот на државата.

Собранието на Республика Северна Македонија се самораспушти на 16 февруари поради одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април,  но тие беа одложени поради ширењето на коронавирусот. мд/ац/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!