Утрински Весник
Македонија

Филипче: Ја израмнивме кривата на епидемијата, почитување на мерките за враќање во нормала

Филипче: Тестовите во ИЈЗ се одобрени од СЗО

Скопје, 28 април 2020 (МИА) – Сегашните анализи укажуваат на тоа дека факторот трансмисија на Ковид-19 генерално на целата земја е под 1, меѓутоа правиме детални анализи за одредени региони во земјата и чекаме уште неколку денови да видиме како ќе биде трендот на новодијагностицирани. Со сите мерки досега ја израмнивме кривата на епидемијата, не го оптоваривме здравствениот систем. Имавме линеарен број случаи со коронавирус и секој ден имаме нов број на оздравени, истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција, преку онлајн-видео комуникација.

Само единствено ако лично секој граѓани се заложи за тоа и даде свој придонес со доследно почитување на мерките, посочи министерот, ние ќе го задржиме овој тренд, ќе ја надминеме оваа состојба и постепено ќе го вратиме нашиот живот во нормала.

Тој ја соопшти и одлуката која Владата ја донесе на денешната седница за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на првомајските празници.

– На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 5 часот наутро до 14 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 5 часот следниот ден. За лицата над 67-годишна возраст, во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот. Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12 до 14 часот. Остануваат во сила сите други мерки за заштита од Ковид-19 донесени од Владата, рече Филипче.

Со ова, појасни, граѓаните имаат доволно време во претпладневните часови и да прошетаат и да ги набават потребните намерници, без притоа да се создаваат гужви на тие места, на пазарите, маркетите.

– Но, повторно апелирам мора задолжително да се носи заштитна маска за лицето, прекривка на устата и носот, така како што е пропишано во затворен простор или на отворено ако не може да се одржи препорачаната дистанца од два метра. Сите имаме подеднаква одговорност секој кон себе, но и кон останатите. Не смееме да дозволиме и сега да го доведеме во прашање тоа што досега заедно сите го издржавме и го надминавме, можеби најтешкиот период, најголемиот предизвик, а навистина направивме многу, истакна Филипче.

Во врска со денешните податоци за состојбата со Ковид-19 во државава, рече дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 36 оздравени пациенти и тоа во Скопје-19, Куманово-1, Штип-5, Прилеп-4, Тетово-1, Струга-1, Велес-3, Гостивар -2.

– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на Клиниката од 19 април и 63 – годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на Ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден, рече Филипче.

Посочи дека во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, а потврдени се 22 нови случаи со Ковид-19 и тоа во Скопје-11, Куманово-2, Струга-1, Велес-3, Кавадарци-2, Гостивар-2 и Неготино-1. Со ова, потенцира, вкупната бројка дијагностицирани со Ковид-19 во земјава изнесува 1.421, бројката на оздравени пациенти е 589, на починати е 71, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 761.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 52. Критично болни и на механичка вентилација се тројца пациенти, 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна маска. Во ГОБ „8 Септември“ примени се тројца пациенти, а вкупно хоспитализирани се 28 пациенти. Со потешка клиничка слика се тројца пациенти, а шест се на респираторна машина. Во Клиничката болница во Битола се лекуваат шест пациенти, а осум се следат на домашно лекување. Во Клиничката болница во Штип на болничко лекување има двајца пациенти, а на домашно лекување се следат уште шест пациенти. На останатите инфективни одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар, Охрид, Тетово се хоспитализирани вкупно 46 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид -19, додаде Филипче. рп/лв/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Изгоре платформата за набљудување на Смоларскиот водопад

Ставот на МАНУ е дека постои само една национална академија и оти во неа нема место за политички влијанија, за Мицкоски иднината не е во поделби туку во обединување

Зголемена фреквенција на возила на Табановце за влез и Богородица за излез од државата