Скопје, 28 април 2020 (МИА) – Ако вистински сака да им помогне на земјоделците, Трипуновски, наместо да ја користи вонредната состојба за прибирање политички поени и сликање, може да се вклучи во работата на Министерството за земјоделство и да достави конкретни предлози. Но, досега тој тоа не го сторил. Од Трипуновски до министерот Трајан Димковски не е доставен ниту еден предлог. Срамно и крајно неодговорно е да ја користи позицијата на дополнителен заменик-министер и вонредната состојба за партиски интереси и манипулации со земјоделците.
Ова е реакцијата што ја испрати Министерството за земјоделство по денешната изјава на Трипуновски пред Владата, во која тој обвини дека се прават непродуктивни трошоци, наместо средствата да се пренаменат за помош на земјоделците.
Според МЗШВ, Трипуновски, кој долго време работење во државни институции во секторот земјоделство, треба да знае како се прават измени на програми, како се носат мерки и како се вршат пренамени на финансиски средства.
Со оглед на настанатата состојба, МЗШВ, како што наведува, планира соодветни измени и пренамени на средства од национланите програми за да им се помогне на земјоделците, а застој во исплатата на субвенциите нема. Само од почетокот на годинава досега се исплатени околу 85 милиони евра, а за неполни три години, 427 милиони евра.
-Промоцијата на македонските земјоделски производи на меѓународните саеми е важна за зголемување на извозот на нашите производи и е финансиски поддржна преку Програмата за рурален развој. Од почетокот на годината финансиски се подржани само два меѓународни саеми во Германија и во Русија, кои се одржаа во февруари. Со прогласувањето на глобалната пандемија и вонредната состојба во нашата држава, се откажаа сите меѓународни саеми, и во овој период, МЗШВ нема поддржано ниту една саемска и локална манифестиција. Дел од предвидената сума за поддршка на саеми и локални манифестација веќе е пренамената за во ставката за капитални инвестиции и во преземени и заостанати обрвски од минатите години, стои во реакцијата на Министерството. мч/са/