Утрински Весник
Економија

Грашковска: За еден месец извршени 33.173 инспекциски надзори, голем дел од правните субјекти ги спроведуваат мерките на Владата

Инспекциски совет: Засилени контроли за спроведувањето на владините мерки за справување со корона вирусот

Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска на денешната прес-конфереција ги презентираше резултатите од работата на шест инспекциски служби во периодот од 19 март до 21 април, истакнувајќи дека изминатиот период сите инспекциски служби работеа за контрола за почитување на мерките и препораките од Владата да се превенира ширењето на коронавирусот.

– Во овој период шесте инспекциски служби извршиле 33.173 инспекциски надзори. Од вкупниот број надзори – 26.569 се спроведени од Државниот пазарен инспекторат. Еден поголем дел од овие надзори се однесуваат на работењето на угостителските објекти, а дел се извршени контроли на замрзнатите цени на одредени производи, истакна Филиповска Грашковска.

Посочи дека од страна на Пазарниот инспекторат се затворени вкупно 162 угостителски објекти што не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка на повеќе градови констатирано е дека најголемиот број угостители ги почитувале забраните за работа.

– ДПИ во изминатиот месец интензивно ги контролираше и кафематите на територијата на целата држава при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати. Покрај контролите на угостителските објекти и на трговците, со одлука на Влада ДПИ е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Инспекторатот постојано е на терен, при што во овој период се извршени 5.508 на малопродажни и големопродажни објекти, рече Филиповска Грашковска.

Додаде дека освен на самиот почеток на кризата кога имаше пријави за покачени цени особено кај цитрусните овошја, сега се констатира дека во подоцнежниот период најголем дел од трговците ги почитуваат одлуките за замрзнати цени, а на оние кај што е забележано зголемување им се наложува да ги ги вратат цените на износите утврдени на 11 март.

– Агенцијата за храна и ветеринарство реализира 1.645 инспекциски надзори, при што се изречени вкупно пет глоби, 75 казнени мерки и едукации поради неспроведени обуки и едукации за основни знаења за безбедност на храна, и изречени се вкупно 64 решенија за констатирана општа лоша хигиенска состојба по кој правните субјекти веднаш постапуваа,рече Грашковска.

Информира дека Државниот инспекторат за труд во насока на заштита на работничките права, реализираше 3.236 инспекциски надзори, при што се донесени 42 решенија и 152 укажувања за работодавачите што не ги почитувале препораките на Владата. Поголем дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете под десет години, самохран родител, бремени жени, и хронично болни лица. Генерално Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на своите вработени од коронавирусот.

Истакна и дека Државниот инспекторат за транспорт реализираше 751 надзор и се констатира дека општинскиот сообраќај речиси е целосно редуциран и неговиот интензитет е намален за 95 проценти и продолжува да се редуцира.

– Од направените контроли на автобуските станици на повеќе градови низ државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50 отсто намален капацитет на превозниците. Меѓуградските линии Скопје-Куманово и Скопје-Тетово се во целосен прекин, а исто така и меѓународниот линиски превоз од почетокот на вонредната состојба и воведувањето на рестриктивните мерки, изјави таа.

Посочи дека Државиот здравствен и санитарен инспекторат во овој период реализираше 732 инспекциски надзори, со особен фокус на приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите на заштита на медицинскиот персонал, за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот.

– Паралелно со инспекциските надзори, ДСЗИ издаде и вкупно 9.607 дозволи на транспортери за професионални возачи во меѓународниот траспорт, кои се неопходно за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирусот, рече  Грашковска на прес-конференција.

Информира и декаАгенцијата за лекови и медицински помагала, има извршено 240 контроли на веледрогерии и аптеки.

– Може да се посочи дека при овие контроли е констатирано дека нема специфични отстапувања, секторот ги почитува препораките, се одржува ред во аптеките, а цените се согласно препораките и одлуките на Владата, заклучи претседателката на Инспекцискиот совет Филиповска Грашковска. нд/са/

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот