Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Министерството за финансии очекува пад на економијата од околу 3,7 проценти, за разлика од проекциите на ММФ кои предвидуваат пад од четири отсто.
Како што рече денеска министерката за финансии Нина Ангеловска, проекциите секојдневно се обработуваат, се следат и оние на другите земји, особено на земјите со кои имаме тргвоска размена, како Германија, и согласно тоа, можно е да има одредени корекции во предвидувањата.
-Годишните проекции на Министерството за финансии не се се уште јавно објавени, но се во линија на проекциите на ММФ. Нешто помал е падот што ние го проектираме, околу 3,7 проценти, наспроти оној на ММФ од четири проценти. Најголемиот удар се очекува во вториот квартал, потоа одредена контракција во третиот квартал, значително помала од вториот, а во четвртиот квартал се очекува стабилизиација и позитивен економски резултат, истакна Ангеловска.
Одговорајќи на новинарски прашања по прес конференцијата на која ја соопшти втората бескаматна кредитна линија „КОВИД-2“ за микро, малите и средните претпријатија, министерката истакна дека наскоро ќе почне фазата на отворање на економијата.
Таа не прецизира кога точно ќе почнат со работа угостителските објекти, но се повика на изјавата на министерот за здравство, според кој олабавувањето се очекува во мај.
-Се работи на изготвување план за реотворање на економијата, чекор по чекор, постепено, зависно за кој сектор се работи. Формиран е тим кој работи со стопанските комори, економските ресори, со Министерството за здравство и епидемиолозите за да се краира план за постепеното отворање и кои би биле секторите кои временски етапно може да очекуваат кога да отворат и да се подготвуваат за одредени протоколи кои ќе мора да ги испочитуваат. На сите ни недостига нормалниот живот и сакаме да се врати поскоро, но здравјето е на прво место и треба многу внимателно да делуваме во оваа ситуација. Министерот за здравство кажа дека очекувањата се за мај, но дали третата недела, втората половина е рано да се каже, зашто зависи од кривата на движење на новите случаи, рече Ангеловска. мч/са/