Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска соопшти дека Владата работи на изготвување системско решение за екстра лесното гориво и дека првите анализи за тоа во кој правец ќе се движи решението, може да се очекуваат за две до три недели.
Ангеловска напомена дека мора да се прави разлика во пристапот кога се работи за екстра лесното гориво, зашто тоа се однесува на животната средина. Донесувањето решение за овој децениски проблем, рече, не би било антикризна мерка, туку системско надминување на долг рок, исправно и базирано на факти.
-Работиме заедно со Царинската управа и Министерството за економија на системско решение зашто ова е проблем што со децении не бил решен. Анализите се изрботуваат. Следната недела работната група ќе има состанок, разговараме за посветен тим кој напорно работи на оваа тематика. За две три недели ги очекувам првичните анализи на каде се движиме и кој е нашиот предлог за ова прашање, рече Ангеловска и додаде дека за екстра лесното гориво зголемувањето од три денари останува, без разлика на движењето на цената на нафтата.
Таа најави промена на Правилникот за поодобрување на квалиетот на екстра лесното гориво и анализа колку точно лани е потрошено од буџетските корисници со тендерски постапки.
-Сега не е грејна сеозна и е забранета малопродажбата на екстра лесното гориво, а сепак, во овој период тоа учествува со потрошени 25 отсто во вкупно поторшената количина на годишно ниво што значи дека има потрошувачка и големопродажба, можеби од складишта. Затоа работиме на подетална анализа, за да донесеме исправно решение на долг рок, базирано на факти, за доброто на животната средина и граѓаните, а не ад-хок одлука која ќе повлече во иднина нешто друго, потенцира министерката, одговорајќи на новинарски прашања на денепната прес-конференција во Владата. мч/са/