Кочани, 24 април 2020 (МИА) – Зголемена бактериолошка загаденост на водата од јавните извори и водоводи во три села во општина Виница, покажале најновите испитувања што ги направиле стручни екипи од Центарот за јавно здравје од Кочани.
Микробиолошките тестирања на примероците вода земени во осум населени места потврдиле присуство на колиформни и друг вид бактерии во локалните водоводи во селата Пеклани, Калиманци и Градец.
– Испитаните мостри вода во трите населени места не одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитуваните параметри за бактериолошка анализа со оглед што има и зголемен број бактерии на 22 степени Целзиусови. Освен тоа, во локалниот водовод во Пеклани е констатирано присуство на ентеропатогени бактерии. Физичко-хемиската анализа на водата во селата Крушево и Трсино покажува зголемена потрошувачка на калиум перманганат и недоволно е хлорирана, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.
Во писмените препораки што се доставени од Центарот до надлежните во локалната самоуправа на Виница, нагласено е дека во трите села каде е констатирана бактериолошка неисправност, пред употреба водата треба задолжително да се преврива, сè додека при повторно испитување не се добие исправен резултат. Исто така, упатена е забелешка за недостаток од резидуален хлор од 0,5 милиграми на литар вода, што е во согласност со новите насоки во врска со епидемијата од коронавирусот.
Испитувањето на примероците од локалните водоводи во виничките села Драгобраште, Крушево, Трсино, Трстија и Виничка Кршла покажале задоволителни бактериолошки резултати и водата може да се користи за пиење. та/ев/