Утрински Весник
Македонија

Ресен, Штип и Богданци добија специјални контејнери за одложување на отпад од стакло

Ресен, Штип и Богданци добија специјални контејнери за одложување на отпад од стакло

Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Со цел да ја прошири мрежата за селективно одложување на отпад и да ја подобри нивото на комунална инфраструктура во земјата, „Пакомак“ деновиве постави специјални игло-контејнери за собирање на стакло во општините Ресен, Штип и Богданци. Оваа донација е дел од проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“, чија цел е да ја подигне свеста за животната средина преку создавање подобри услови за одложување и рециклирање на стаклен отпад.

– Еден дел од контејнерите се поставени во согласност со договорот помеѓу „Пакомак“ и ГИЗ (Германско друштво за интернационална соработка), кој беше потпишан неодамна, а во него е опфатено поставувањете на инфрастуктура за собирање стаклена амбалажа и едукација на населението за бенефитите од селектирањето на амбалажниот отпад. Целта е да се утврдат најдобрите начини и практики за собирање на отпад од стакло, кои потоа би се имплементирале низ целата земја, соопштија од „Пакомак“.

Градоначалниците на Ресен, Штип и Богданци ја искажаа својата благодарност кон „Пакомак“ и проектот го опишаа како акција од општ интерес, истакнувајќи ја важноста на соодветната инфраструктура за реализирање на краткорочните и долгорочни еколошки цели. Проширувањето на мрежата за селектирање и рециклирање на отпад претставува уште еден чекор напред кон создавање на одржлива и чиста околина, а од „Пакомак“ ја потенцираат граѓанската активност и едукација како клучен дел од овој процес.

– Денес, како никогаш досега, ни недостига престојот во природа и конечно ја разбираме нејзината важност во нашите животи. Периодот на изолација ни потенцираше колку всушност е важен природниот свет и поради тоа мора да направиме се’ што е во наша моќ за да ја одржиме животната средина во најдобар ред, бидејќи ние имаме далеку поголема потреба од неа отколку таа од нас. Локалните заедници, општините и градовите во кои живееме се огледало на нашиот однос и грижата која ја посветуваме кон нив – а тие ни враќаат за добриот однос со тоа што ни даваат чист воздух, здрави зелени површини и природа во која можеме да уживаме. Наша задача е да го одржуваме тој баланс, велат од „Пакомак“.

Проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ е финансиран од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компаниите „СЕКОПАК“ (Србија), „ПАКОМАК“ (Македонија) и „ЕКОПАК“ (Босна и Херцеговина), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.

Партнери во имплементација на проектот се Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и приватните компании оператори на системот (СЕКОПАК, ПАКОМАК и ЕКОПАК), во соработка со регионалниот технички секретаријат на BFC SEE мрежата (НАЛЕД), Заедницата на единиците на локална самоуправа во Република Северна Македонија (ЗЕЛС) и Регионална Развојна Агенција за Херцеговина (РЕДАХ). Овој проект е одобрен на почетокот на 2020 година, а ќе трае до крајот на 2022 година.см/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”